Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, во рамки на дигиталната конференција „E-governance“ што се одржува во Талин се сретна со надворешниот соработник на естонскиот Инспекторат за заштита на податоци, Марја Кирс, со која разговараше за значењето на транспарентноста во општеството и потребата за објавување на сите податоци, особено на оние што се поврзани со трошењето на јавните средства.
Како што информираат од владината прес-служба, вицепремиерката Грковска оцени дека земјава има постигнато значаен напредок во делот на транспарентноста и нагласи дека Владата и нејзиниот Kабинет преземаат дополнителни мерки кои ќе обезбeдат значително зголемување на транспарентноста.
Кирс потенцираше дека сите државни институции во Естонија имаат обврска на своите страници да ги објавуваат сите податоци, освен оние за кои има рестрикција.
– Секако, не може да се забрани пристап до документ кој се однесува на јавните средства. Тенденцијата е овие рестрикции да бидат сведени на најниско можно ниво, а на секои пет години секој основ за ограничување на објавувањето на податоците се преиспитува, посочи Кирс.
Грковска потенцираше дека Владата ги задолжила сите институции на своите веб-страници да објавуваат податоци за јавните набавки, со цел граѓаните, невладиниот сектор и медиумите да имаат полесен преглед на тоа како се трошат јавните средства.
На состанокот, како што се наведува во соопштението, е разговарано и за концептот на естонскиот Закон за јавни информации, како и за надлежнoстите на Агенцијата за заштита на податоците.