Одличен состанок со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, со кого ги потврдивме традиционално добрите односи кои ги негуваат двете земји и кои треба да послужат како пример за останатите во регионот, објави денеска вицепремиерот Бојан Маричиќ за неговата посета на Црна Гора.
– Средбите со вистински пријатели секогаш се задоволство и завршуваат со иницијативи и предлози за идни подвизи. Одличен состанок со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ со кој ги потврдивме традиционално добрите односи кои ги негуваат двете земји (втората е Македонија чие име не се спомнува з.н.) и кои треба да послужат како пример за останатите земји во регионот, објави Маричиќ на својот официјален профил на Фејсбук.
Согласни сме, продолжува Маричиќ, дека ниту една земја не остана имуна на последиците од војната и со предизвиците од новата геополитичка ситуација се соочуваме сите.
– Со соработка и заедничко делување многу побрзо и полесно ќе ги надминеме проблемите, а врз граѓаните нема да се рефлектираат во голема мера последиците од војната, особено во економска смисла. Треба да бидеме активни, и дипломатски и политички, вклучени во решавањето на проблемите кои, во денешниот свет, често се непредвидливи дури и ако се во нашето соседство. Едноставно немаме луксуз да ги гледаме од страна. Напредокот на една земја Западен Балкан е напредок на сите и цел регион, тоа е важна лекција која мора да ја знаеме и дека сè што правиме на регионално ниво, на темелите на европските вредности, ќе носи мир, стабилност и напредок, а тоа ќе значи благосостојба на нашите граѓани. Мора да знаеме во вистински моменти да преземаме одговорност за носење храбри и лидерски одлуки кои ќе носат просперитет, преку различни форми на здружување и соработка на регионално ниво и на Иницијативата „Отворен Балкан“ да го добие полното значење на отвореност на цел Западен Балкан, објави Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ никаде во својата објава не спомнува името на Македонија ниту со придавката „северна“.