Денеска одбележуваме една година од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, што беше одржан на 2-ри јуни 2022 година, во Вашингтон. Дијалогот беше лансиран од страна на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и државниот секретар на САД, Антони Блинкен, со што беше отворено ново поглавје во билатералните односи и меѓу двете земји.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и амбасадорката на САД, Анџела Агелер со заедничко видео, ја честитаат годишнината од Стратешкиот дијалог, реафирмирајќи ги заедничките заложби за понатамошното зајакнување на соработката и значајната поддршка за нашиот евроинтегративен процес.
-Како стратешки партнери, ни претстојат бројни активности со цел адресирање на предизвиците на земјава како што е натамошно зајакнување на нашиот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, борбата против корупцијата, инвестициите во инфраструктурата, но и интеграцијата на земјава кон ЕУ, што е наш заеднички стратешки интерес, истакнува Османи на годишнината од одржувањето на дијалогот.
Амбасадорката Агелер реафирмирајќи ја силната поддршка за нашиот евроинтегративен процес, порачува дека Соединетите Американски Држави отсекогаш биле и секогаш ќе бидат, наш постојан поддржувач и најголем пријател.
-Ќе бидеме со вас рамо до рамо додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можност во рамки на европската заедница, истакнува Агелер.
Од Министерството за надворешни работи информираат дека во рамки на Стратешкиот дијалог, Министерството како координатор на целокупниот процес, во соработка со надлежните институции подготви Акциски план за реализација на проекти во различни области. Со неговото усвојување на владина седница, сите активности во рамки на дијалогот станаа дел од владината Програма за работа. Со цел успешна практична имплементација на донесениот Акциски план, сите министерства, институции и агенции од земјава кои имаат надлежности во неговото спроведување номинираа лица кои ја следат реализацијата на активностите од нивна надлежност и квартално доставуваат информација за нивниот статус и динамика на реализација до Министерството за надворешни работи.
Видеото може да го отворите ТУКА.