Припадник на Армијата со брза и пожртвувана реакција денеска спречи ширење на пожар и заштити имот на граѓаните.

-Денес, околу 15:40 часот, на поранешниот полигон за обука за моторни возила (наспроти Националната Арена „Тодор Проевски“), професионалниот војник Христијан Божиновски, при заминување од работното место, забележал дека неколку паркирани возила се зафатени од пламен. Проценувајќи ја сериозноста на ситуацијата и опасноста пожарот да се прошири врз останатите паркирани возила, војникот Божиновски веднаш стапил во контакт со командирот на воениот стадион во Скопје, барајќи поддршка за локализирање на огнот, информираат од АРМ.

Припадниците на Армијата кои ја извршувале должноста на воениот стадион во Скопје, веднаш пружале помош, употребувајќи противпожарни апарати од едницата.

-Поради големината на пожарот, а проценувајќи дека истиот не може да се угасне, започнале со дислокација на неопожарените возила, со што успеале да го спречат ширењето на огнот. При интервенцијата, професионалниот војник Христијан Божиновски се здобил со полесни повреди на едната рака, за што му е пружена соодветна медицинска помош. Со ова дејствување, припадниците на Армијата уште еднаш го покажаа високиот професионален интегритет, како и пожртвуваноста на секој припадник без разлика дали се во униформа или не, секогаш да бидат во служба на државата и граѓаните, посочуваат од АРМ.