Затворениците осудени на високи казни со месеци го подготвувале планот за бегството од затворот Идризово во Скопје.
Управата за извршување на санкциите информираше дека поради основано сомнение дека од страна на осудени лица се преземаат недозволени активности со кои би се создале услови за организирано бегство од установата, во изминатиот период од два месеци го подигнале степенот на безбедност со цел да дојдат до подетални информации и да се провери нивната веродостојност.
Како резултат на овие активности, велат од Управата, во кругот на Затвореното одделение е детектирано потенцијалното место од каде би можело осудените лица да ги реализираат ваквите планови и таму било дополнително зајакнато обезбедувањето.
– Од причина што се работи за стари објекти од тврда градба кои се вон употреба, по спроведена постапка за јавна набавка избрана е фирма со соодветна дејност за рушење на наведените објекти. Откако е постигната согласност со Министерството за внатрешни работи со свои сили да обезбеди асистенција при реализацијата, денес на ден 21.03.2023 година во 07.00 часот е пристапено кон рушење на детектираните објекти. Воедно се направени и повеќе ископи во кругот на одделението при што е пронајден подземен недовршен тунел во должина од околу 50-тина метри на потегот од објектите кои се рушат кон оградниот ѕид“, велат од Управата за извршување на санкциите.
По завршените планирани активности и реализираното рушење, во попладневните часови се на терен надлежните органи кои треба да ги истражат сите околности со цел да се утврдат сите факти до целосно расчистување на случајот.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со Агенцијата за национална безбедност спречи организирано бегство од Казнено поправниот дом „Идризово“, по добиени криминалистички сознанија дека група од најмалку осум осудени лица подготвуваат бегство од затворот со копање на тунел.
– Групата од најмалку осум осудени лица, според добиените криминалистички сознанија издржувале казна затвор во КПД Идризово за сериозни кривични дела со определени казни од 10 години до доживотен затвор, посочи портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Тој додава дека по доставените сознанија МВР изврчило проверки:
– По доставувањето на сознанијата до Управата, од нивна страна се извршени проверки на местото кое беше посочено како потенцијален тунел, при што беше утврдено постоење на ископан тунел во должина од околу 40 метри, лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение, а во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу 1 метар, во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули. Во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот, појасни Ангеловски.
Видеото може да го отворите ТУКА.
Второто видео може да го отворите ТУКА.
Трето видео може да отворите ТУКА.