Ги отстрануваме бесправно изградените објекти – нема повеќе узурпација. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти, во тесна соработка со сите скопски општини, информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

-Јавните површини им припаѓаат на граѓаните. Тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на ничиј личен интерес. Повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на нашите сограѓани, истакна тој.

Ѓорѓиевски порача дека акцијата продолжува со силно темпо.

-Ова е процес во кој сите сме партнери. Ги повикувам граѓаните на Скопје активно да се вклучат, да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор и да помогнат да изградиме град во кој владее ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.  Заедно градиме град каков што заслужуваме, истакна Ѓорѓиевски.