Изминативе две години гледавме како полициски функционери на СДСМ уценуваа со ПИ мерки и минуваа неказнети, гледавме како полициски службеници убиваа и палеа луѓе, како пукаа во малолетни лица а во Шуто Оризари се пресметуваа и меѓу себе, изјави за медиумите Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
МВР, рече тој, под криминогеното раководство на Оливер Спасовски го допре дното.
– Последниот инцидент покажа до каде забегаа злоупотребувајќи ја власта и моќта. Според информациите кои ги објавија медиумите син на виш полициски советник на Оливер Спасовски во угостителски објект во скопско Марино избоде полициски службеник, кој бил однесен на комплексот клиники како што стои во написите и во моментот кога бил однесен бил во животно загрозувачка состојба. Полицискиот службеник се уште е во животна опасност, а за да го спасат докторите мораа са му извадат еден бубрег и слезина. Луѓе блиски до власт осилени од моменталната моќ која ја имаат дивеат насекаде низ државата. Ова е вистински одраз на хаосот што владее во Македонија. Веќе никој не е безбеден од овие бандити на власт, рече Ѓорѓиевски.
Убијци и криминалци, додаде Ѓорѓиевски, се шетаат на слобода, додека патриоти и невини граѓани лежат во затвор.
– Убиецот на младиот Мартин Јанушев не е затворен и две години по бруталната егзекуција. Не се во затвор ниту убијците кои на Рузвелтова, среде Скопје стрелаа со калашникови и одзедоа два човечки живота. Со Заев, Спасовски и Пендаровски загрозени се животите на сите граѓани. Сигурни се единствено криминалците. Со Заев Спасовски и Пендаровски Македонија оди назад, а Скопје наликува на Белград од 90-тите години. Ова безредието мора да запре. Граѓаните заслужуваат и имаат право да бидат безбедни. Власта која е неспособна треба час поскоро да си замине, изјави Ѓорѓиевски.