Багерите во Аерордом се поставени, работниците на терен, дрвјата остранети, а на повидок е нова зграда, објави ТВ 24.
За општина како Аеродром оваа нова зграда за граѓаните е само дополнително оптоварување на и така несоодветната сообраќајна и комунална инфраструктура. Бараат образложение од градоначалникот Златко Марин дали ќе продолжи и понатаму со градежни експанзии со кои само натрупува бетон, но не води сметка за потребите на граѓаните, за паркови, зеленило и здрава животна средина.
Локацијата каде сега се гради зграда, пред неколку месеци беше предмет на жестока дискусија во јавноста бидејќи таму преку ноќ се донесе одлука за сечење на дрвја. Тогаш ставот на општината беше дека мора да пристапат кон сеча бидејќи дел од дрвјата поради временските непогоди биле оштетени и претставувале опасност за околината. Но, до пред само неполн месец општината издала дозвола за за градење. Сега од општина Аеродром велат дека на локацијата каде сега се гради постоела маркица за градба која чекала повеќе од 20 години.
– Местото со години е запуштено и претставува збиралиште на бездомници и собирачи на отпад, а со изградбата на новиот објект конечно ќе се уреди и осветли таа локација. Важно е да се нагласи дека порано со маркица бил опфатен цел зелен појас, но според актуелниот Детален урбанистички план И10, тој појас се стесни за да се спаси паркот, велат од општина Аеродром.
Бесар Етеми кој, е внук на Фатмир Етеми, е инвеститор и за ТВ 24 вели дека локацијата каде гради за 400 метри квадратни платил 400 илјади евра, а додека на општина Аеродром искеширал 26 милиони денари на основ комуналии за цела зграда, потенцирајќи дека запазени се сите процедури како и 20 посто зеленило.
– Се работи за станбена зграда ( А2 ) која се гради на површина од 400 метри квадратни. Во делот на урбаното зеленило запазени се законските прописи од 20 посто зеленило. Зградата ќе има 9 метри подземен паркинг, а се работи за зграда од 8 ката со поткровје каде на приземје ќе има деловни простории. Дозволата за градење ја имаме добиено од страна на општина Аеродром за што имаме платено 26 милиони денари на основ комунали, а за земјиштето од 400 метри квадратни плативме 400 илјади евра, вели инвеститорот Етеми.
https://www.youtube.com/watch?v=tvxhTjmD0do&feature=emb_logo