На редовната седница на српското Собрание имаше инциденти – тепачки, фрлени димни бомби, факели… Повредени се двајца пратеници на СНС, а на една бремена жена и се слошило.

На дневен ред на седницата требаше да се најдат 62 точки, меѓу кои измени на Законот за високо образование, предлог-закон за станбени кредити за млади и гласање за разрешување на претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Седницата почна во 10 часот во Домот на Народното собрание, со интонирање на националната химна, но инцидентите се случија нешто по 11 часот.

Дел од опозициските пратенички групи најавија дека нема да учествуваат во работата на парламентот, но најавија одредени акции, без да прецизираат за што станува збор.

Сепак, и пратеничката група на власта и на опозицијата за денеска најавија вкупно 20 прес-конференции. Мирослав Алексиќ вели дека обраќањата во медиумите може да се препознаат како „паралелна седница на парламентот – само во фоајето“.

Цело време додека говорат пратениците од владејачката СНС и СПС се слушаат вувузели и свирежи. И пратениците од опозицијата ги прекинуваат додека зборуваат.

Според пишувањата на српските медиуми, меѓу пратениците има и повредени по немирите во законодавниот дом во Србија.

Пратеникот Стефан Кркобабиќ, како и претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ изјавија дека за време на денешните инциденти во парламентот, пратеничката Јасмина Каранац била погодена во главата. Хаосот во Народното собрание не стивнува, а пролетната седница беше прекината со фрлање димни бомби, јавуваат српските медиуми.

Кркобабиќ ја повика опозицијата да се врати во собраниските клупи и да разговара.

Брнабиќ изјави дека за време на хаосот во собраниската сала, пратеничката Јасмина Каранац се здобила со тешки повреди откако била погодена со шок-бомба во главата.

Брнабиќ претходно изјави дека пратеничката Јасмина Обрадовиќ се бори за живот откако доживеа мозочен удар кога пратениците од опозицијата фрлија шок-бомба врз неа.

Нередите во Собранието се случија кога пратениците од опозицијата, протестирајќи поради усвоениот дневен ред, се упатија кон Брнабиќ, но собраниското обезбедување ги спречи да и се приближат.

После тоа, пратениците од опозицијата запалија факели и фрлаа димни бомби во комората, а силен чад се чувствува и во фоајето на Собранието.