Снимката од разговорот меѓу Илон Маск, американскиот милијардер и извршен директор на Твитер, и новинарот на Би-Би-Си Џејмс Клаутон се шири молневито на социјалните мрежи.

Во разговорот Маск го обвини новинарот дека не може да наведе пример за говор на омраза на овој социјален медиум. Репортерот го праша Маск како планира да се справи со инцидентите со говор на омраза што се објавуваат на Твитер.

Кога Маск побара од репортерот да наведе некои примери на говор на омраза на Твитер, репортерот одби.

„За каков говор на омраза зборувате? Мислам, користете Твитер. Дали гледате зголемување на говорот на омраза? Некоја лична анегдота? Не сте во можност да прецизирате?! Мислам дека е апсурдно, лажеш“, рече милијардерот.

„Барам еден пример, а вие не можете да дадете. Тогаш велам, господине, вие не знаете за што зборувате. Не можете да ми дадете ниту еден пример за содржина со омраза, ниту еден твит. А сепак тврдевте дека содржината со омраза е сеопфатна. Тоа е лага, вие само излажавте“, инсистираше Маск.

Твитер неодамна го означи Би-Би-Си како „медиум финансиран од владата на Обединетото Кралство“, што доведе до остра реакција од британскиот јавен сервис. „Би-Би-Си е и отсекогаш бил независен. Ние сме финансирани од британската јавност преку надоместокот за лиценца“, се вели во соопштението на Би-Би-Си.

Во интервјуто, Илон Маск го обвини Би-Би-Си дека ги прикрива несаканите ефекти од вакцинацијата против Ковид 19 и дека шири дезинформации за маските. „Дали Би-Би-Си воопшто се смета себеси за одговорна куќа за дезинформациите за маските и несаканите ефекти од вакцинацијата? Воопшто не известуваше за тоа“, рече Маск и продолжи: „А што е со фактот дека Би-Би-Си беше под притисок од британската влада да ја промени својата уредувачка политика?

Коментарите на интервјуто се разновидни, а многумина се согласуваат со фактот дека новинарот едноставно не бил дораснат на Маск во интервјуто.

„Го уништи!“ напиша еден коментатор.

„Вака изгледа новинарството на Би-Би-Си“, пренесе Јутарњи лист.

Во меѓувреме интервјуто стана вирално, па само на Јутјуб за неколку часа беше прегледано неколку милиони пати.