Изградба на првата православна црква во Турција, по речиси еден век, почна денеска во Истанбул, а на почетокот од изградбата присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Црквата се гради во Истанбул и припаѓа на сириската православна заедница во квартот Јесилкој. Последната црква во Турција била градена во 1923 година, а за овој нов храм Сириската црква пред 10 години поднела барање. Тоа било одобрено во 2015 година.

– Ја гледам оваа нова црква како богатство на Истанбул. Честитки за тоа, рече Ердоган на церемонијата на започнување на изградбата на православната црква.

Црквата треба да биде завршена во рок од две години, со цел заедницата од 17.000 православни Сиријци во градот да имаат свој храм. Се верува дека уште 8.000 православни живеат во источниот и југоисточниот дела на Турција, јави агенцијата Анадолија.

– Ова е историски ден, рече митрополитот на Сириската православна црква за Истанбул и Анкара, Јусуф Четин.

Муслиманите сочинуваат повеќе од 99 проценти од популацијата на Турција, што е строго секуларна според уставот. Но, досега на христијанските малцинства во Турција им беше дозволено само да ги реновираат црквите, а не и да градат нови.

– Нема место за дискриминација во нашите умови. Сите оние што сакаат и се лојални на Турција се граѓани од прва класа во нашите очи, истакна денеска Ердоган.