Поранешен судија на Врховниот суд Ристо Катавеновски, а денес адвокат, за првпат во емисијата „Претрес со Ландов“ јавно проговори за причините за неговото разрешување во 2020 година од страна на Судскиот совет.
Во разговорот во „Претрес“, Катевеновски појасни дека како судија добил предмет од Специјалното јавно обвинителство и дека, според неговата оценка, во конкретниот случај недостасувале клучни елементи за постоење на кривично дело злоупотреба на службена положба.
Катевеновски нагласи дека не го потпишал предлогот за потврдување на пресудата и дека пред колегите изнел мислење дека предметот треба да биде укинат. Според неговото тврдење, само еден ден по изнесувањето на таквиот став, бил разрешен, а одлуката за предметот ја донел друг судија.
На прашањето дали смета дека по секоја цена морало да се потврди предметот затоа што потекнува од Специјалното јавно обвинителство, Катевеновски одговори дека не се покајал за својата одлука и дека и денес би постапил исто.
„Не само за Јанкулоска, туку за било кој – правично судење“, истакна тој, додавајќи дека принципите на правдата не зависат од личноста, туку од доказите.
Случајот повторно ги отвори прашањата за притисоци врз судиите и за начинот на одлучување во предмети со висок јавен интерес.




