Поранешниот дипломат на САД, Хенри Кисинџер е последната жртва на руските шегаџии Вован и Лексус, кои на македонската јавност и се познати од насамарувањето на Зоран Заев, додека беше премиер.

Руски двоец кој се прослави со „несолени шеги“ со познати личности објави дека го насамарил поранешниот државен секретар на САД, кого го натерал да ги открие своите размислувања за минатогодишната саботажа на гасоводите Северен тек. Вован и Лексус притоа му се претставиле на Кисинџер како украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На снимката од разговорот тие го прашуваат што мисли кој стои зад ланската саботажа на гасоводите со кои руски гас се превезуваше во Европа.

„Да бидам искрен, мислев дека сте вие“, му вели Кисинџер на лажниот Зеленски, кој зачудено прашува:

„Навистина? Мислите дека Украина го направила тоа? Не, не“.

Кисинџер потоа вели дека не ја обвинува Украина, додавајќи дека неговото мислење не било критика.

Претставувајќи се како Емануел Макрон, Вован и Лексус во ноември му се јавија на полскиот претседател Анджеј Дуда за да го прашат што мисли кој е одговорен за падот на ракета на полската територија. Меѓу нивните жртви во минатото се и Елтон Џон, Реџеп Таип Ердоган и Џорџ Буш.

И покрај обемната истрага, останува нејасно кој го извршил нападот на гасоводите Северен тек на 26 септември 2022.