ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесува Кривична пријава против Петре Шилегов, градоначалник на Скопје и две непознати правни лица, за Злоупотреба на службена должност и овластување, како и несовесно работење согласно член 353 од КЗ, потоа за Бесправно градење чл. 244 од КЗ, како и Поткуп при избори и гласање чл. 162 од КЗ.
Ова денеска го соопшти Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.
– На 24 април преку медиумите Шилегов најави започнување на градба на булеварот АСНОМ и изградба на мост од Аеродром кон Ќерамидница. Шилегов за истото се пофали и преку социјалните медиуми, проследено со фотографии од градежните работи. Од допрен глас имаме сознанија дека започната изградба проширување на булеварот АСНОМ се прави без одобрение за градба и тоа од непознат изведувач на градба и од непознат надзор на градба, со што постојат сомневања за сторени кривични дела. За проектот изградба, во првата фаза- проширување на булевар АСНОМ, ќе се потрошат над 50 милиони денари, а за истото нема одобрение за градба, што се потврдува и на лице место на градежните работи не е поставена табла на која треба да е напишано и бројот на решението за градба и имињата на изведувачот и на надзорот на градежните работи, рече Колариќ.
Таа додаде дека уште поважно е што ова кривично дело се прави во временски период во Изборна кампања, односно пред вториот круг на Претседателските избори на 5 мај.
– Со Кривичната пријава која ја поднесуваме бараме од Јавниот обвинител да постапи согласно овластувањата и да направи увид за да ја утврди фактичката состојба на градежните работи на булевар АСНОМ и да направи увид во градежната документација која ја поседуваат Град Скопје и Петре Шилегов. Очекуваме Јавниот обвинител веднаш да постапи согласно временскиот изборен рок и да го приведе Петре Шилегов на службен разговор, веднаш по враќањето од Барселона Шпанија каде што беше забележан на фудбалскиот стадион Ноу Камп. Доколку Обвинителството не го стори тоа постои можност да овозможи Шилегов да ги прикрие трагите и доказите и кривичното дело да мине неказнето, а обвинителството наместо бранител на правда, да биде соучесник, изјави Колариќ.