Свесна за слабата поддршка меѓу граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ продолжува на секој начин да бара алиби за поразот што ќе им се случи во недела, соопшти денеска СДСМ.

– Заврши времето непотизмот и масовната партизација на институциите што беше одлика на ВМРО-ДПМНЕ, заврши со нивното заминување во опозиција. Денес Република Северна Македонија е правна држава во која се почитуваат законите и одлуките донесени од институциите. СДСМ е против непотизмот и против партизацијата на институциите. Согласно тоа се испочитуваа и донесените заклучоци односно одлуки на Државната комисија за спречување на корупција, по што следуваше повлекување од работните места на лица блиски до актуелни функционери. ВМРО-ДПМНЕ да не бара алиби, туку да го повика Јанушев да зборува со своите роднини да се повлечат од работните места во ЦУК и МВР, се вели во соопштението од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.

Поради морални и етички причини, се додава натаму, од работните места веќе се повлекоа дедото, бабата и сестрата на ген. секретар на СДСМ Александар Кирацовски, мајката на портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, синот, братот и сопругот на пратеничката Мира Стојчевска.

– Сите овие лица, иако при нивните вработувања не загрозиле ничие право и не прекршиле ниту една процедура ги испочитуваа заклучоците од Антикорупциска и си заминаа од нивните работни места. Денес, законот и правилата важат за сите подеднакво. ВМРО ДПМНЕ нека го следи овој пример и за почеток нека го повика шефот на изборниот штаб да ги повика својот татко и сестра да се повлечат од работните места во ЦУК односно МВР. Ја поздравуваме работата на ДКСК и ја охрабруваме да продолжи со откривање на нови случаи поврзани и со функционери на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението.