Сите мрачни сили се впрегнати во поништување на правната држава и загрозување на евроатланските интеграции на РС Македонија, а ова што се случува, вклучувајќи ја и денешната снимка е дел од однапред подготвено сценарио, изјави денеска портаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов.
– Почитувани граѓани, нема правда, нема мир! Од ова начело СДСМ никогаш нема да отстапи. Како што ветивме, до крај ќе се бориме да го вратиме правото и правдата во РС Македонија. Уште еднаш ги охрабруваме и бараме правосудните органи да ги расчистат сите околности околу актуелниот случај. Истрагата бараме да се забрза од надлежните институции кои мора да дадат целосни одговори за сите актери кои учествувале во против правни дејствија, како и да даде одговори за поттикнувачите, организаторите и осмислувачите во овој случај. Особено да даде аргументирани одговори за тоа кој се е вклучен во овој криминал и од кои се предмети што се истражуваат кој прави напори да се спаси. Никој не е заштитен и никој не е и нема да биде поштеден во Република Северна Македонија. Јавноста има право да ја знае вистината. Се што се случува вклучувајќи ја и денешната објавување на снимка е дел од однапред подготвено сценарио, изјави Костадинов.
Сите мрачни сили, додаде тој, се впрегнати во поништување на правната држава и загрозување на евроатланските интеграции на РС Македонија.
– Убедени сме дека на крајот вистината ќе излезе на виделина. Ќе пропаднат очајничките обиди на саботажа на истрагата или за нечив спас од истата. Напротив, уверени сме дека овие подземни обиди само ќе ја забрзаат истрагата и ќе ја интевизираат, и ќе ги извадат на површина сите актери и учесници во случајот Рекет. Христијан Мицковски, дублерот на Груевски и на фамилијата, кој со недели се обидува да инкриминира функционери од СДСМ, многу јасно и гласно го прашуваме: Дали погрешниот таргет на опозицијата е обид да ги прикрие сопствените траги? Со кои двајца од луѓето кои се гледаат на снимките тој лично разговарал? Кога се случиле ваквите разговори? Во какви зделки е доколку разговарал со луѓето кои се гледаат на снимките? Дали и што примил на рака? Кој ги лиферувал снимките во италијанскиот медиум? Го потсетуваме Христијан Мицковски и ДПМНЕ на зборовите на нивниот шеф: вистината е како шило, кога тогаш, ќе излезе на виделина. Или тој ќе одговори на овие прашања, или одговорот со сигурност ќе стигне од друго место, рече Костадинов.