Во култниот „Комеди стор“ (Comedy store) во Лондон, во конкуренција на 700 комичари од Обединетото Кралство, наградата „Најдобар стенд-ап комичар за 2025“ во Велика Британија месецов му беше доделена на Македонецот Влад Илиќ.

– Многу сум среќен што сите овие години активно занимавање со стенд-ап се крунисани со ваква награда. Таа е признание, но и потврда за влогот, енергијата, но најмногу за  хуморот којшто го изведувам, а е особен и веќе препознаен. Она што ме издвојува од другите комичари е баш нашата култура, нашиот менталитет. Имаме некој уникатен начин на изразување… Дали е тоа во фонетиката, во фразите коишто ги користиме секојдневно, што ни овозможува да го погледнеме животот малку по несериозно, малку пообјективно од другите култури. Можеби секогаш ќе губиме од Англија во фудбал, ама за хуморот нѐ бива, изјави Илиќ веднаш по добивањето на наградата.

По фантастичниот успех што го забележа и „Би-би-си“ пред три години, ова е вистинско заокружување на кариерата на Илиќ.

Влад ја започнува својата кариера како актер со театарски проекти во Кумановскиот театар, а подоцна инспириран од стенд-ап настапите на Сашко Коцев, Тони Михајловски, Маријан Ѓорѓиевски, но и локални ѕвезди, се насочува кон сценската комедија. Патот до успехот во Англија и титулата „Најдобар стенд-ап комичар во Велика Британија за 2025“, вели, е долг, макотрпен, и подразбира развој од аматерски настапи до, денес веќе, присуство на култни сцени.

– Ништо не е случајно во натпревар од вакви размери. Да, среќата игра мал дел од овој успех, но сега се препознаени сите доцни вечери во кои или настапував или пишував нови шеги, и токму тие се главната причина зошто и како се најдов во финалето, вели Илиќ, дополнувајќи дека е благодарен за мотивацијата што добива од сите страни. – Ја црпам првенствено од љубовта кон професијата, неисцрпната поддршка на семејството, како и гордоста што ја носам на секој мој настап, претставувајќи ја мојата татковина. Тој пламен ме грее дури и во најстудените на овој врнежлив остров, завршува Влад.

Покрај титулата ова признание има и паричен чек со вредност од 10.000 фунти. Македонскиот комичар на крајот вели:

– Ќе го дадам во хуманитарни цели, на братучедите!

Тој веќе 10 години се занимава со стенд-ап и своите шоуа ги изведува на четири јазици – англиски, македонски, српски и италијански.

Фото: Влад Илиќ, Јутјуб-фотоисечок