На видеото кое го доби Телма се гледа дека тројца маскирани вчера рано наутро се приближуваат до објектот и го подметнуваат пожарот во кафе барот Барон во Чаир. Кафулето има исто име како скопската криминална група Барон чии припаднци соработуваат со групата Беланоца и се во отворена улична војна со криминалните групи Дуќанџик/Грчец.
На снимката се гледа како еден од маскираните со тврд предмет ја крши влезната врата на кафе барот. Другите двајца влегуваат внатре со туба во рацете. А водачот останува надвор и чува стража гледајќи кон улицата.
Откако ја разлеваат запаливата материја внатре, двајцата маскирани излегуваат и нивниот водач ја потпалува течноста со запалка. Влезот на објектот почнува да гори, потпалувачот за малку избегнува да биде запален и тројцата маскирани бегаат. Се се случува за половина минута.
Пожарникарите интервенирале околу 4 часот наутро, вчера и по 40-минутна интервенција го изгаснале пожарот.
Неколку часа по пожарот е застрелан Зелкиф Туша, таткото на притворениот Гани Туша кој е осомничен за учество во убиствата на припадници на кланот Грчец во Шиша Бар и на Халкидики. Гани Туша е припадник на бандата Барон. Обвинителството истражува поврзаност на пожарот и убиството на Зелкиф Туша.