Старите да не заборават, а младите да учат и да не се плашат, нашата борба е демократска и нема ништо протв законите во Грција, се истакнува во пораката на Македонците од партијата Виножито.

И додека актуелната власт на Македонците во Република Македонија им пее евроинтеграциски успивалки, молчи за отворањето бугарски клубови со имиња на личности кои биле непријатели и крвиници на Македонците, во Егејска Македонија е забележливо будење на македонската свест кај Македонците која систематски била потиснувана од тамошните власти.

Премиерот Димитар Ковачевски, минатиов месец, една недела престојуваше во Обединетите нации во Њујорк и никаде не спомна Македонци и права на Македонците во Бугарија и Грција. Од друга страна, овде во Република Македонија владее молк од власта, кога официјална Софија отвора клубови со имиња на личности кои го провоцираат македонското национално чувство. И сето тоа во прилог да не си ставиме камен на патот кон ЕУ.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, синоќа уште еднаш нагласи дека „тој не сака да троши време за историја“ на средбите со бугарскиот колега Румен Радев. Пендаровски сакал само иднина и европски прашања. А зарем правата на Македонците во Бугарија, како и во Грција, не се иднина и не се европски теми?!

Летово, пак, низ повеќе региони со Македонци во Егејска Македонија, денес во Грција, имаше бројни собири или како што ги нарекуваат панаѓури, на кои Македонците се дружат, зборуваат македонски, пеат македонски песни и ги играат ората на предците.

Македонците во Грција се самоорганизираат, а од неодамна отворија и центри за изучување на македонскиот јазик.

Видеото кое може да го отворите ТУКА, завршува со познатата македонска песна: „Народе македонски, доста беше, разбуди се…“

(Д.Г.)