Во која држава се наоѓа Старата скопска чаршија, прашува во денешниот прилог ТВ Канал 5.
Ова е прашањето кое деновиве си го поставуаат граѓаните, но и странските туристи кои се збунети. Причината за ова е тоа што најпопуларното туристичко место во Скопје, кое е во центарот на главниот град на Македонија е преплавено со албански знамиња.
Ленти со повеќе десетици знамиња се поставени на главниот влез во чаршијата. Ги има и во внатрешноста, а македонските може да се забележат само во сувенирниците. Кој и зошто ги поставил засега не се знае, иако според Законот за употреба на знамињата на заедниците во Македонија, при истакнување на знамето на другите етнички заедници на плоштади и други јавни места, мора да биде истакнато и македонското знаме.
Инаку, ова се случува во скопската чаршија, која со Закон е прогласена за културно наследство од особено значење побаравме одговор од Министерството за култура, но таму не упатија до Конзерваторскиот центар во Скопје, а од таму пак до Управата за заштита на културното наследство. Сите кренаа раменици и се прогласија за ненадлежни.
-Управата не е надлежна за поставување на знамиња, тоа е регулирано со друг закон каде надлежностите ги имаат локалните самоуправи – одговорија од Управата за заштита на културното наследство.
Се обративме и до општина Чаир, од таму ни рекоа дека нашите прашања се испратени до надлежниот сектор во општината, но одговор до почетокот на вестите не добивме.
Ова е втор случај во неколку недели на истакнување на десетици албански знамиња.
Претходно во Кичево беше преплавен освен со знамиња и со пароли со кои се одбележуваше, како што ја нарекоа, „10 години албанска власт во градот“.
Извор: ТВ Канал 5