Вицепремиерот за евроспки прашања Бојан Маричиќ, во интервјуто за „Макфакс“ зборуваше и за гоштавањата на државна сметка. Трошењата ги правдаше со ручеци со странци, а на укажувањето дека Европејците ги претставува како ненајадени, тој имаше свое објаснување.
– Дури со амбасадорите сега инсистирам да бидат скратени средби и ретко се случуваат тие ручеци – кога се најнеопходни. Некои од тие ручеци во последно време сум ги платил и од сопствен џеб, вели Маричиќ.
Вицепремиерот смета дека не е нормално да се јаде на државна сметка:
– Не велам дека е нормално да се јаде на државна сметка. Но, ако во една година сте имале посета на претседател на Европскиот суд за човекови права, и тоа прва по 20 години, три дена, и сте биле домаќин – дел од програмата е да ги однесете гостите од странство на ручек. Друг пример, имало министри за правда што доаѓале – сме ги однеле на вечера на разни места“, вели Маричиќ.
При анализата на извештаите не секогаш се гледаше гоштавање на државна сметка со странска делегација, на што Маричиќ даде свое видување.
– При гостувањето на двајца министри за европски прашања, на Ирска и Данска или Естонија, сме испиле неколку кафиња, а тие нешто јаделе, вели Маричиќ.