Граѓаните денеска го видоа заевизмот, со сета своја бруталност и неправда, бруталност и неправда нанесена на луѓето од 27 април.
Целта на ваквото брутално погазување на правото е внесувањето страв, што впрочем е уште еден доказ дека власта е во паника и очај, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средба со граѓаните на Неготино.
Мицкоски истакна дека судството и обвинителството го испорачаа она што беше побарано од нив да се испорача, а нарачателот на политички монтираниот случај е во зградата на Владата од каде ги диктира пресудите.
„Македонија е држава во која правото е погазено, затворските казни долги 2 века во ниеден случај не можат да донесат правда, туку уште поголема поделеност во општеството за која директен виновник е заевизмот“, додаде тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека драконските казни нема да ги смират страстите во редовите на СДСМ, ниту, пак, дека власта на овој начин ќе демонстрира моќ, туку напротив со ова ја покажуваат својата немоќ и страв бидејќи ја губат власта пред своите очи.
211 години затвор за оние кои од патриотски побуди биле учесници во настаните од 27 април и за полициските службеници кои биле единствените кои реагирале тој ден, Мицкоски ги нарече со еден збор, неправда.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ им предочи на граѓаните дека се наоѓаме на клучната крстосница и дека мораме да се избориме за правда, иднината на државата е во рацете на народот. Излезот од ваквата состојба, вели Мицкоски, е во победата на претседателските избори кои се неповторлива шанса за пораз на заевизмот. Победа на правдата, победа на Гордана Силјановска-Давкова и потоа победа на предвремените парламентарни избори, заклучи Мицкоски.