Веројатно нема Македонец кој не ја слушнал „Ми заплакало селото Ваташа“, песна која е посветена на крвавиот настан што се случил на денешен ден, 16 јуни во 1943 година, кога бугарскиот окупатор стрела 12 македонски синови, од кои најмладиот беше дете на 15-годишна возраст.
Во месноста Моклиште, во Кавадаречко, бугарскиот окупатор стрела 12 невини младинци од селото Ваташа. Откако окупаторската војска и полиција го блокирала селото Ваташа, бугарскиот окупатор извршил претрес низ сите куќи, плевни и други помошни простории во селото. Бидејќи не успеале да најдат ниеден партизан, собрале истакнати младинци, барајќи од нив да им ги признаат своите врски со партизаните и да им кажат каде се наоѓаат „шумкарите“. Но, ниту еден од уапсените млади македонски синови не сакал ништо да издаде, бугарската окупаторска војска во Македонија, најпрво ги претепала во селската кафеана, а потоа ги стрелала 12 младинци.
Масакрот се случил во близина на Моклиште кај месноста Чаир, на 12 км од Ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и одреди полиција, под команда на полковник Љубен Апостолов, кој бил командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. Апостолов по потекло бил од Крива Паланка. Во тоа време голем процент од војниците во полковите на Петтата армија биле регрутирани младинци од локалното население, исто како и голем дел од полицијата.
Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презела офанзива за уништување на партизаните и се нафрлила врз населението. Погромите над цивилното население достигнале врв со масовното стрелање во Ваташа, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон Втори е извршен масакрот врз 12 тикевшки младинци.
Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто бил роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.
Рано утрото во кафеаната во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина момчиња и девојки. Тие биле скоевци, кои им помагале на партизаните, а за тоа биле накодошени.
Кавадарчанката Стева Илиева се сеќава: „Кметот нè собираше од куќите со готов список, сите нè имаше по име и презиме“. Во кафеана тие биле испрашувани и тепани, а потоа биле принудувани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници.
На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки биле обвинети за врска со партизаните и одење во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште.
Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Веројатно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат. Најстариот од сите, Васо Хаџиjорданов насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста Чаир каде биле запрени, се обидел да побегне, а по него и другите. Тогаш се слушнала наредбата: Оган!
Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Четирите девојки што исто така биле уапсени, Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева, ги тргнале настрана.
Полицискиот началник Петко Опреков се спротиставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојките, а капетанот Борис Жеглов го поддржувал Опреков, па така девојките биле спасени. Војниците ги вратиле девојките назад во селото и издале наредба убиените младинци да не се носат назад, туку да се закопаат на местото каде што бил извршен масакрот.
Најмладиот младинец всушност бил се уште дете. Перо Видев имал само 15 години на денот на стрелањето. А со него стрешани се: Ванчо Гурев (19 г.), Данко Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18 години).
Денес на тоа место е подигнато спом обележје. По војната, тие биле откопани, а посмртните останки преместени на друго место. И по трет пат, таму каде што денес е големиот споменик биле закопани во 1963 година.
По две години Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов и подофицер Петко Опреков. Пред тоа сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на тогашните југословенски власти за судење како фашисти. Апостолов, кој бил командант на војската и ја издал наредбата за стрелање, тврдел дека не е виновен за ваташкиот масакр. Тој бил суден за повеќе злодела и сите ги признал, но за ваташкиот масакр кажал дека добил листа со имиња, а на неа стоело дека младинците се партизани уапсени во шумата, а не собрани од нивните куќи. Раскажал и за улогата во настанот на четворица предавници од Ваташа, тројца мажи и една жена.
Во спомен на оваа погибија изградена е спомен костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“.
На местото на стрелањето подигнат е спомен парк со површина од седум хектари, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци. За настанот е испеана народна песна: „Ми заплакало селото Ваташа“.
Споменикот во повеќе наврати бил сквернавен.
(Подготвил: Д. Г.)