На 17 септември 1943 година во селото Подвис, Кичевско, почнало да работи првото училиште на македонски јазик.
Зградата на училиштето, каде првпат се одржала настава на современ македонски јазик на првата слободна територија во Македонија, денес е запуштена, а дотаму се стигнува единствено со теренско возило.
Спомен-плочата, која била поставена на зградата, мештаните ја извадиле и ја преместиле во новиот дел на Подвис, во неговиот низински дел.
Иако имало најави за обнова на зградата од страна на Министерството за култура во текот на 2014 година, тоа досега не е сторено.
– Во селото на татко ми, кичевско Подвис, е отворено првото слободно училиште на македонски јазик, на 23 септември 1943 г. Ова ми го има раскажувано татко ми Драган Дамјаноски, како еден од првите ученици во него. Во 1943 г. сѐ уште траела војната, но Копачијата била една од првите што биле блиску до ослободување. Важно е да се спомене дека тоа е во 1943, значи речиси една година пред одржувањето на АСНОМ во август 1944, вели Владо Дамјановски.
Тој се залага за обнова и уважување на објектот на првото училиште на македонски јазик.
– Ова е еден мал, но важен доказ, кој говори против сегашните небулози од соседна Бугарија дека јазикот ни е создаден токму од времето на АСНОМ. Татко ми учел македонски мајчин јазик од мајка му Стојанка и татко му Миле, а тие од нивните родители. Не ми е познато дали училиштето имало име, како што денес имаат училиштата, се викало едноставно „школо“, раскажува Дамјановски во репортажа за порталот Факултети.
Документарен филм (за МРТ во 2006 година) е направен од македонскиот писател Стојмир Симјаноски. Во негo ќе ги видите искажувањата на тогашни ученици.
При влегувањето на учителот во училницата во училиштето во Подвис, учителот поздравувал „смрт на фашизмот“, а учениците отпоздравувале со „слобода на народот“.
Видеото може да го погледнете ТУКА.
(Подготвил: Д. Г.)