На 10 март 1878 година во гевгелиското село Мачуково е роден Леонид Јанков, македонски револуционер и војвода. Песната „Трба, трби гевгелиска“ е посветена на овој 27-годишен војвода.
Војводата Леонид Јанков на 2 септември 1905 година во месноста Ѓуров Дол, во близина на селото Ѓавато, Гевгелиско, во борба против триилјадна турска војска, откако го убил турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоубил за да не падне жив во рацете на непријателот.
Борбата, што ја водел заедно со уште неколкумина негови соборци траела цел ден, а за таа херојската борба и ден-денес се пее и се раскажува не само во Гевгелија, туку и пошироко низ Македонија.
Песната „Трба, трби гевгелиска“ му е посветена на овој македонски јунак. Уште како селски чувар, Леонид Јанков соработувал со илинденските востаници и со ВМРО, а учествувал и во повеќе други акции против османлиската војска.
Во Струга е роден Христо Матов
На 10 март 1872 година во Струга е роден е Христо (Апостолов) Матов, професор, револуционер и еден од идеолозите на Македонската револуционерна организација.
Се образувал во машката гимназија „Св. Кирил и Методиј” во Солун и на студиите по словенска филологија на Софискиот универзитет. Бил професор и директор во Сер и во Скопје. Бил покрстен од Даме Груев и станал член на Организацијата во 1895 година). По Солунската провала (јануари 1901), како член на Централниот комитет на Организацијата, бил заточен во Бодрум Кале. Во периодот 1902–1905 и 1907–1908 бил задграничен претставник во Софија. По Илинденското востание е еден од главните идеолози на Конзервативната струја и се залагал за запазување на стариот централистички принцип.
Бил претседател на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година. По Младотурската револуција бил еден од организаторите на Сојузот на бугарските конституциони клубови во Солун. За време на Првата светска војна, заедно со Георги Баждаров во Скопје го издавале весникот „Родина“. По Првата светска војна се повлекол од политичката активност поради здравствени причини. Автор е на повеќе книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Успешно се занимавал со литературна и со научна дејност, објавувајќи често свои трудови во бугарската периодика под псевдонимот Дримколов.
Водел остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Автор е на серија впечатливи политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. На овие текстови често се потпишува со псевдонимот Брут. Знаменита е неговата средба со Троцки во Софија. Починал во 1922 година во Софија.
(Подготвил: Д.Г.)