Насилните немири по убиствата на трите девојчиња во северозападна Англија повторно зафатија неколку британски градови вчера и денеска, при што беа повредени полицајци и оштетени се имоти во најраширените немири во земјата во последните 13 години.
Немирите во кои учествуваа стотици антиимиграциски демонстранти избија во неколку града откако на социјалните мрежи брзо се проширија лажни информации дека осомничениот за нападот со нож во понеделникот на детскиот час по танц во Саутпорт е радикализиран муслимански мигрант.
Полицијата соопшти дека осомничениот Аксел Рудакубана (17) е роден во Британија, но продолжија антиимигрантските и антимуслиманските протести кои се претворија во насилство, апсења и грабежи.
Насилниците одговорни за нередот на улиците „ќе ја платат цената“, соопшти британската влада, а премиерот Кир Стармер порача дека сите што учествувале во овие насилни протести ќе зажалат.
Во моментов се одвива напад врз хотел во Ротерам, банди талкаат по улиците со намера да ги кршат законите или нешто полошо, исркшени прозорци, пожари, преплашени граѓани и персонал. Нема никакво оправдување за ваквите постапки, секој нормален треба да го осуди ваквиот вид на насилство. Луѓето во оваа држава имаат право да се чувствуваат безбедни, а сепак гледаме напади врз муслиманските заедници, напади врз џамии, навреди за другите малцински заедници, нацистички поздрави на улиците, напади врз полицијата, бесмислено насилство проследено со расистичка реторика. Затоа, не се плашам да кажам што е ова, крајнодесничарско силеџиство, изјави премиерот.
Насилни немири избувнаа во Ливерпул, Манчестер, Бристол, Хал и Белфаст – пет града во различни делови на ОК – со тепачки и фрлени цигли и шишиња додека антиимиграциските демонстранти се судрија со антирасистички групи.
Толпа од екстремната десница успеа да упадне во хотелот „Холидеј ин“ во англискиот град Ротерам, во кој се сместени баратели на азил. На терен имало многу полициски службеници од итната помош, кои се обиделе да ги спречат во тоа. На влезот во хотелот десничари запалиле оган, кој подоцна бил изгаснат.