Уште една фирма блиска до Заеви добила лиценца за одгледување марихуана, објави на денешната прес-конференција Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Продолжува серијалот на, како што рече таа, скандалот „Канабис-милионите на Заев“.
Како што рече Николовска станува збор за фирмата „Лајф плант“ од Струмица, која зела лиценца за одгледување канабис.
– Како сопственик во фирмата ‘Лајф плант’ се јавува извесен млад лик од Струмица, Иван Проданов. Нашите информации говорат дека тој е момчето на ќерката на Зоран Заев, Александра Заева, рече Николовска.
Таа јавно побара Владата да одговори дали доделила лиценца за одгледување канабис на, како што рече, идниот зет на Заев, Иван Проданов, кој има само 25 години и кој зад себе нема ниту еден сериозен бизнис.
– Исто така ако се земе предвид дека за бизнис со марихуана потребни се милиони евра за инвестиција, прашуваме дали можеби семејството Заеви е спонзор на младиот Иван Проданов, кој е иден зет на Зоран Заев, и дали младиот Проданов е само параван за уште еден бизнис на Зоран Заев, Рече Николовска.
Таа додаде дека антикорупциската комисија и институциите ќе имаат полни раце работа доколку ова се покаже како вистина.