Видеоспот кој ги повикува граѓаните да гласаат на изборите за Европски парламент, за само две недели на интернет има околу 120 милиони прегледи, пред се на Фејсбук и на Јутјуб.
Дел од западните медиуми наведуваат дека видеото ја поделило јавноста. Додека едни се воодушевени, други со зачудени, бидејќи станува збор за избори за најбројното и најважното тело на Европската Унија. Наместо видео со хумор или изнесување сувопарни факти, стратегијата на Европарламентот, како што коментираат дел од европските медиуми, е да се погодат срцата на гледачите, за што сведочат над 300.000 реакции и над 100.000 споделувања на Фејсбук.
Имено, видеото под наслов „Избери иднина”, почнува со 15 жени кои се пораѓаат во различни европски земји и е проследено со снимки полни со болки и емоции. Во вториот дел, детски глас пренесува политичка порака, дека заедно, Европејците можат да градат мир, еднаквост, и заштита на човековите права и демократијата.
– Поради тоа гласаме. Денеска сум роден. Одбери ја Европа во којашто јас ќе пораснам, гласи пораката на штотуку роденото дете.