Изработувањето на виолини е комплексна материја, која бара многу истражување, знаење, упорност и посветеност, вели за МИА Вејчеслав Поповски, самоук изработувач на виолини од Скопје. Негов ментор е Светозар Богданоски од Велес, кој е признат творец во светот. За своите дела, Поповски има добиено музичка награда на натпреварот за изработка на виолини во САД.
Поповски е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек соло пеење. До сега има изработено многу виолини и неколку виоли, а во план му е и да изработи и виолончело.
Првичната инспирација за изработка на овој инструмент му била виолината од неговиот прадедо. Уште од најрана возраст покажувал воодушевување кон инструментот, а неговата упорност и истрајност резултирале со тоа првата виолина да ја изработи на 17 години, за време на летниот распуст.
-Од многу рана возраст, уште како дете, имав виолина од мојот прадедо и бев воодушевен од самиот инструмент. Така се разбуди интересот кај мене за оваа област. Кога им кажав на родителите дека сакам да изработувам виолини, тие се зачудија, укажувајќи ми дека тоа е многу комплексно и тешко. Но, со текот на времето се запознав со мајсторот од Велес, Светозар Богдановски, кој подоцна ми стана ментор. Првото дрво за изработка всушност го земав од него. Кога бев прва година во средно училиште, за време на летниот распуст, на 17 години, ја изработив првата виолина, објаснува Поповски за МИА.
Најважно нешто во процесот на изработка, како што појаснува, е да се достигне квалитетот на звук.
-Јас сум самоук градител, така што многу години посветив на истражување на самиот звук на инструментот. За ова, користам лак што сам го изработувам. Не купувам лак, бидејќи старите мајстори од 17 век користеле веќе купен лак што го изработувале мајстори за правење на бои и лакови. Денес не можам да си дозволам да купувам таков лак бидејќи е од комерцијална природа. Целта е да се надмине, а не да се достигне квалитетот на старите виолини, посочува Поповски.
Првично почнал сам да се занимава со достигнување на звукот, но благодарение на мајсторот од Велес, научил многу повеќе за тоновите и звуците. Имал намера звукот на виолината да биде посебен и да се издвојува од звуците на виолините на другите мајстори, па дури и од оние кои денес се изработуваат од модерните мајстори.
-Бидејќи виолината се изработува од дрво, мора да се набави високо квалитетно акустичко дрво. Дрвото го набавуваме од Босна. Користиме дрво јавор, а на горниот дел на виолината се користи смрека. Оваа комбинација е најпогодна за изработување на виолина, но и за сите други гудачки инструменти, појаснува Поповски.
Во однос на тоа колку време му е потребно да изработи една виолина, Поповски вели дека тоа е непишано правило.
-Времето кое е потребно за изработка на виолина е во зависност од тоа колку си посветен на процесот. На пример, ако работиш секој ден, приближно ќе биде потребен еден месец. Но, и откако ќе се изработи инструментот, потребно е да не се користи одреден период, за да може да се постигне вистинскиот тон, посочува Поповски за МИА.
Во земјава нема традиција за изградба на гудачки инструменти. Пред Светозар Богданоски, имало уште двајца изработувачи кои исто така биле од Велес. Поповски е четврта генерација и се надева дека успешно ќе го наследи менторот.
Не само кај нас, туку и во целиот регион не постојат училишта за изучување на оваа област. Најблиската школа за изработка на виолини е во Италија.
-Постојат школи за изградба на виолини, но најблиската е во Италија. Исто така, има училишта во Чешка, Германија, Франција, Англија и во Америка. Сепак, јас бев дециден да не се запишувам на овие места, затоа што во овие училишта мораш да ги изработуваш виолините по правилата на мајстор, кој што е еден вид на авторитет, односно мораш да ги следиш неговите правила. Сметам дека ова е уметност и самиот треба да внесуваш креативност и да пристапуваш во процесот на изработка на свој начин, вели Поповски.
Додава дека денес постојат многу мајстори во светот кои пишуваат научни трудови за изработка на виолини и дека се користат со разни техники и компјутерски помагала за мерење на звукот на виолина, со цел создавање на таков звук.
-Јас не сакам да користам вакви техники, работам на природен начин исто како што работеле и старите мајстори, бидејќи звукот е материја што не може да се измери, тоа е чувство, појаснува Поповски.
Минатата година, Поповски учествувал на VSA конвенција во Лос Анџелес, каде имал можност да види презентација на уникатни виолини од старите Кремонски мајстори како Гуарнери дел Џезу – Кремона.
Оваа година, тој освои сребрен медал на Меѓународниот натпревар за изработка на виолини – VMAAI 2023 во Тусон во Аризона, САД, што се одржа од 3 до 6 октомври.
-Да освоиш сребрен медал на натпреварот во САД за мене е големо достигнување, бидејќи доаѓам од држава која нема традиција за градење на инструменти, а таму мораш да се натпреваруваш со светски градители од Кина до Америка. На натпреварот присуствуваа многу мајстори кои треба да ги победиш, но со посебниот тон што го изработувам, успеав да земам сребрен медал, вели Поповски.
Посочува дека е горд што со магичниот тон на неговата виолина, успеал да побуди посебно внимание како кај Комисијата, така и кај присутните слушатели во салата.
Во моментот, Поповски е четврта година на Факултет, но неговите планови и амбиции се постојано да ја усовршува изработката и постигнувањето на квалитетен звук на гудачкиот инструмент.
Бисера Трајковска
Видео Андреј Бранковиќ
Фото/ МИА, Вејчеслав Поповски