Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ), највисокиот суд на ОН, објави дека Велика Британија мора да му го врати на Маврициус архипелагот Чагос во Индискиот Океан, објавија британските и други светски медиуми.
Судот додава дека Британија неправедно ги прогонила граѓаните од островот во 1970-тите години за да биде изградена американска воздушна база на островот Диего Гарсија. Британија архипелагот го одвоила од островската територија на Маврициус во 1965 година, три години пред да добие независност Маврициус, но без тие острови.
Во раните 1970-ти години, Британците истерале 2.000 жители на Маврициус и Сејшелите, за да направат простор за база на најголемиот остров Диего Гарсија, кој им го дале под наем на САД.
Во необврзувачкото мислење на советниците, врховниот суд на ОН за меѓународни спорови тврди дека Британија постапила незаконски во процесот на деколонизација и дека треба да се откаже од контролата над островите кои ги нарекува Територија на Британски Индиски Океан.
Иако од судот не се барало мислење за суверенитетот, одлуката која ја донесе вчета (понделник) всушност е повик Велика Британија на Маврициус да му го отстапи архипелагот кој го контролира од 1814 година. Претседавачкиот судија Абдулкави Јусуф во заклучокот рече дека Британија „има обврска што поскоро да го оконча администрирањето над архипелагот“.
Овој случај на Меѓународниот суд (ИЦЈ) се смета за тест за законитоста на договорите постигнати помеѓу големите сили и малите држави на крајот од колонијалната ера. Премиерот на Мврициус, Правинд Југанут изјави дека ова е историски момент за Маврициус и неговиот народ, како и за жителите на Чагос, кои се исфрлени од своите домови.
Меѓутоа, Британија во 2016 година го продолжи договорот со Американците за изнајмување на островот Диего Гарсија до 2036 година и соопшти дека протераните жители од островот не може да се вратат таму.
Фелипе Сандс, член на правниот тим на Маврициус на ИЦЈ, рече дека очекува Британија и Маврициус да седнат и да се договорат околу преземањето.
– Ќе се најде начин ова да тргне од мртвата точка и притоа да се солуваат интересите на сите, но и да се спроведе одлуката на судот, рече Сандс.