Ден кој запечати многу судбини. Ден на кој народот излезе по своето, и од илјадници луѓе, 20-тина завршија како политички затвореници – вака изгледа 27 април 2017 година во очите на сопругата на Игор Југ, Ивана.
Таа за ТВ Алфа, го отвори срцето, проговори низ каква голгота минуваат таа и трите дечиња сите овие години без солбот на семејството. Вели, човек на се се навикнува, но болката не исчезнува.
Игор за мене ниту е терорист, ниту е уставобранител. Игор за мене е сопруг, родител, и човек кој е ставен пред законот да биде неправедно осуден, намонтирани случаи, буквално монтирање на целиот предмет, да се доведе до дело тероризам. Прво беше притворен за упад во толпа, и тоа се случува пет месеци по упадот – раскажува сопругата на Игор Југ, Ивана.
Тешко и со длабоки емоции, Ивана Југ се присетува на моментите кога Игор бил приведен – тогаш била во четвртиот месец од бременоста.
Игор е притворен во септември 2019, во 4:30 сабајле, спектакуларно приведување, со специјалци, со полиција, блокирање на улици, прв е приведен, и е приведен за случај упад во толпа. Приведувањето беше од овде, со кршење врата, со демолирање на целиот стан, како најголем криминалец – вели Ивана.
Игор Југ е осуден за тероризам, првостепено на 12 години затвор, бидејќи беше во толпата која упадна во Собранието, кога двомесечните протести кулминираа. После четири и пол години го имаше првиот слободен викенд, и за прв пат ја виде својата ќерка а тоа да не биде во затворските простории за посети. Ја прашавме Ивана, каков беше денот кога Игор пристигна во нивната куќа во Куманово.
Болно, радосно, тешко. Родител да види прв пат на 4 ипол години, за него е уште поболно враќањето во самиот затвор. Најболно од се е што Катерина од скоро има втор родител. Катерина беше дете кое нашите закони не му дозволија да има втор родител, и да биде признаена. Држава која продава приказни за демократија, и права на сите, таа беше обесправена. Но по самото негово излегување, официјално беше признаена – вели Ивана.
Семејствата на осудените од 27 април го делат истиот став – дека после високите затворски казни, и квалификување на делото како тероризам, испратена е порака до народот дека треба да ја ведне главата и да молчи, во спротивно му се заканува исто сценарио.
Човек на се ќе се навикне, но жално е затоа што такво дело немало. Едноставно што побаравме е правично судење. Нека бидат осудени за упад во толпа. Не може да има тероризам – раскажува Ивана Југ.
Повторно судење за настаните од 27 април дел од граѓаните и семејствата на осудените, повеќе пати бараа и на протести – на кои се скандираше „Слобода за уставобранителите“. Сепак, судската власт не покажа интерес за такво нешто.
Извор: ТВ Алфа