Оперативно-тактичка вежба Пролет-22, трет дел, во салата Борис Трајковски во Скопје, беше на програмата на вежбовни активности на МВР, објави министерот Оливер Спасовски.
Министерот Спасовски во објавата на неговиот официјален профил на Фејсбук ја објаснува вежбата на заложничка криза со ВИП гости и неутрализирање на поставен ранец со експлозив во слата:
– Меѓународен спортски натпревар, од висок ризик, со најавено присуство на ВИП лица како и присуство на организирани и неорганизирани навивачки групи – презентирани се справување со заложничка ситуација и терористички закани и предизвици. Заложничка ситуација – Согласно настанатата состојба, се повикуваат тимови од Специјалната антитерористичка единица – Тигар, кои се обучени и опремени за справување со заложнички ситуации. Според проценката од состојбата, Специјалната антитеросристичка единица – ТИГАР постапува со итен напад, синхронизирано со два тима од две различни правци. Тактички, со употреба на балистички штит, се приближуваат кон точката на упад. Со пробивање на вратата влегуваат во посочената просторија и ја решаваат заложничката ситуација, објави Спасовски.
За вториот дел од вежбата, односно за експлозивната направа, појаснува:
– Експлозивна направа – добиена е информација дека во салата има сомнителен ранец со можна експлозивна направа. Повикан е водич со службено куче за детекција на експлозиви, кое сигнализира дека се работи за експлозивна направа, при што САЕ Тигар ја известува Единицата за откривање и деминирање на експлозивни средства и направи, а Припадник на ЕОД тимот, облечен во специјално заштитно бомбашко одело, пристапува до ранецот и ја започнува постапката за уништување, објави министерот Спасовски на Фејсбук.
Вежбата е успешна, но засега во реална ситуација безуспешна е потрагата по крадците кои го провалија полицискиот магацин во Охрид, како и кражбата на масло од марихуана во вредност од, како што беше објавено, над два милиона евра од магацин во Крушевско.
Видеото од вежбата може да го погледнете ТУКА.