На традиционалната парада пред божикните празници во Холандија, се судрија приврзаниците и противниците на Црн Пит, помошникот на Дедо Мраз.
Црн Пит, помошник на Синтерклас, холандска верзија на Дедо Мраз (Свети Никола во тамошниот фолклор), е препознатлив по тоа што лицето му е обоено во црно или кафено.
Противниците на Црн Пит сметаат дека тоа е расистички обичај и е навредлив за лицата со темна боја на кожата.
Нереди избија во повеќе градови во Холандија, а ротердамската полиција на Твитер соопшти дека уапсила три лица.
Во Леуварден, место на северот од Холандија, полицијата соопшти дека спречила „две групи да се испотепаат“.
Полицијата спречила тепачка кај Гронинген, а весникот Телеграф извести за судири и во неколку други градови.
Сведоците ги опишуваат овие настани како „хаотични“ и дека спротиставените групи се гаѓале со јајца.
Навивачи на најголемите клубови во Холандија учествувале во судирите, како и расистички политички групи.
Според традицијата која се пренесувала од колено на колено, Црн Пит носи подароци за празникот Синтеклас. Тој се спушта низ оџаците додека луѓето спијат. Според преданијата, во деновите кои му претходат на празникот, Пит често може да се види на покривите, каде што низ оџаците наслушува дали децата биле добри.
Делење медени и друг вид колачи е негова специјалност. Црн Пит му помага на Синтерклас, ја носи неговата книга или стап.