Десетдневната вежба, наречена Моси 2, ќе почне на првата годишнина од почетокот на војната во Украина на 24 февруари, а на медиумите ќе им биде ограничен пристапот.
Трите земји, поморската вежба Моси 1 ја одржаа во Кејптаун во 2019 година.
Руската фрегата Адмирал Горшков пристигна во Кејптаун оваа недела, со испишани букви „Z“ и „V“, кои се користат како симболи на руските сили во Украина.
Пристигнувањето на руската фрегата предизвика полемики во јавноста, особено поради опременоста со хиперсоничните ракети „циркон“ за кои Русија тврди дека „можат да ја пробијат која било ракетна одбрана на море и на копно“. Планирано е таа ракета да биде тестирана во текот на вежбата.
Вежбата почнува во време на напнати односи на Пекинг и Вашингтон по соборувањето на кинескиот балон на територијата на САД и меѓусебните обвинувања за шпионирање.
Опозицијата во Јужноафриканската Република ја критикуваше власта за учеството во вежбата, тврдејќи дека земјата со тоа покажува дека не е неутрална во руско-украинскиот конфликт.
Јужна Африка е меѓу многуте африкански земји кои имаат пријателски односи со Москва и кои беа воздржани во Генералното собрание на Обединетите нации при гласањето за резолуцијата со која се осудува руската агресија на Украина.
И Русија и САД бараат поддршка од Јужна Африка од почетокот на војната во Украина, што зборува за влијанието на таа земја како стратегиски партнер на африканскиот континент. Високи функционери на САД и Русија го посетија неодамна африканскиот континент, а јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса беше во Белата куќа во септември 2022 година.
Видеото може да го отворите ТУКА.