Наместо одговор на прашање од исклучителен јавен интерес на граѓаните, Канал 5 доби навреди и клеветa од министерот за економија Крешник Бектеши.
Во екот на енергетската криза, Канал 5 на прес конференцијата на министерот му постави најлегитимно прашање – дали ЕСМ избрза со потпишувањето договор за месец февруари за набавка на природен гас по фиксна цена од 98 евра за мегават час, во време кога цените на берзите паѓаат и во моментов се движат околу 60 евра. Имено, самите факти во прашањето завчера ги потврди и самиот директор на ЕСМ Васко Ковачевски. Прашањето беше поткрепено и со ценовникот објавен од Макпетрол, а достапен за целата јавност. Но, наместо конкретен одговор, Бектеши изнесе јавна клевета и навреда дека одредени новинари се меѓусебно екипирани и договорени.
По скандалозниот одговор, Канал 5 побара и јавно извинување, на што добивме уште поироничен одговор од Бектеши.
Само за потсетување. ЕСМ минатата година потпишуваше договори за набавка на природен гас за куси периоди од две недели, бидејќи цените на берзите паѓаа и надлежните ја уверуваа јавноста дека така е поисплатливо. Во моментов, цените на берзите повторно паѓаат, па Канал 5 пред некој ден го праша и лично директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, дали сега ќе го промени начинот на набавките кои се плаќаат со државни пари, но и тогаш добивме ироничен одговор.
Со оглед на тоа што не добивме конкретно извинување, Канал 5 му остава простор на министерот уште 48 часа, да се извини, во спротивно ќе се соочи со соодветни поднесоци.
Видеото може да го отворите ТУКА.