Кичевското село Белица е едно од ретките во Македонија кое секоја година на 26 мај го слави празникот Александрија во чест на св. маченик Александар.
– Александрија е најголемата селска слава посветена на уникатниот заштитник на нашето село и на семакедонските воини кои се бореле со векови низ историјата за независна и суверена држава Македонија. Нека е напомош и вечно неговото име кое низ вековите наназад, па се до ден денес е најголемата ознака за препознатливост на нашето село и нашата Родина Македонија, велат беличани.
Во ова село се негува духот на светецот кој го сметаат за свој заштитник:
– Овој ден е посветен на нашиот белички светец Свети маченик Александар кој воедно е и заштитник на Македонските војници. Нека е напомош овој голем христијански празник кој се празнува со векови наназад, нека овој светец Александар дава сила да се истрае на сите препреки кои ги има нашето село и нашата земја Македонија да ги реализира своите крајни цели да се живее во богата слободна и независна Република Македонија. Да живее Белица и слободна независна Република Македонија, порачуваат беличани пред празникот.
Оваа порака се пренесува секоја година пред нивната голема слава. Нека е на помош Александрија и за многу години!
Кој бил Св. маченик Александар?
Св. маченик Алекандар се слави на 13 мај (според стар стил) односно на 26 мај.
Осумнаесетгодишен војник во војската на царот Максимијан. Одрече да ја изврши царевата наредба за чествување на римските идоли, заради што му беше предаден на капетанот Тиверијан: или да го посоветува да се откаже од Христа или да го мачи и да го погуби.
Бидејќи сите совети му беа залудни, Тиверијан го зеде со себе, го поведе низ Македонија кон Цариград, каде што и самиот мораше службено да оди. Во секое место низ коешто ќе поминеа, Александар беше жестоко мачен, но секаде излегуваа пред него христијаните молејќи го за благослов и храбрејќи го во подвигот.
По него одеше и неговата мајка Пименија. Во текот на патувањето, на Александар повеќепати му се јавуваше Ангел Господов, блажејќи му ги маките и храбрејќи го. На едно место наречено Карасура, маченикот со молитвата кон Бога направи чудо – имено, кога жедта му здодеа и нему и на војниците што го придружуваа, тој изведе студена вода на суво место.
На брегот на реката Ергина, Тиверијан му нареди на џелатот да го заколе Александар и да му го фрли телото во водата. А џелатот, кога замавна над главата на маченикот, виде наоколу светли Божји Ангели и се уплаши, а раката му премале.
Александар го запраша зошто му премале раката и тој рече дека гледа некои светли момчиња околу него. Желен да умре и да се соедини со Господ, Александар му се помоли на Бога да отстапат Ангелите за да не се плаши џелатот. И така џелатот ја заврши својата работа, во 289 година.
Пименија го извади од реката телото на нејзиниот син и чесно го погреба. На гробот на маченикот се случуваа многу исцеленија. По смртта, тој ѝ се јави на мајка си и ѝ навести дека и таа набрзо ќе замине во другиот свет.
(Подготвил Д.Г.)