Во Австрија православната е втора по големина верска заедница, иако поради големиот број муслимански азиланти од Блиски Исток јавноста има впечаток дека тоа е исламската заедница.
Имено, во Австрија живеат околу 700.000 муслимани, додека бројот на православни верници се проценува на околу 800.000.
Според последните податоци од 2014 година во Австрија имало околу 500.000 православни верници. Но, нивниот број е тешко да се одреди бидејќи оттогаш не е спроведен попис, а и православните цркви немаат парохии.
Но, Секретаријатот на митрополитот во Виена проценува дека бројот на православни верници изнесува од 750.000 до 800.000.
Во покраината Горна Австрија фондацијата „Про Оријенте“ спроведе истражување, според кое во 2010 година регистрани се 45.990 православни верници, а во 2016 година е забележан пораст за 22 отсто односно нивниот број изнесувал 56.285.
– Порастот на православни верници во цела Австрија е многу поголем, изјави Флоријан Вегшајдер од „Про Оријенте“.
Австриската Академија на науките наведува дека порастот на православни верници се должи на иселувањето на населението од Балканот, пред се од Романија.
– Претходно, православните верници можеа да бидат игнорирани како малцинство, но денес тоа е невозможно. Потребни се нови православни цркви. Голем број православни верски заедници се активни во „туѓи“ верски објекти, наведе Вегшајдер.
Според дел од експертите, православните верници придонесуваат во зачувувањето на Австрија како христијанска земја, која е соочена со константен раст на исламски верници, како и со откажување од католицизмот поради бројните афери на Католичката црква.