Новиот сопственик на Титовиот стан е Филип Хуонг-Хју, партнер во инвестициска компанија основана во 2005 година, а пред тоа бил партнер во неколку познати светски банки. Роден е во 1964 година и се школувал во Париз. Неговата биографија е мошне интересна, по таткова лоза потекнува од стара и моќна аристократска виетнамска фамилија

Шесте држави од бившата СФРЈ успеаја во последниот ден од минатиот месец на лицитација заеднички да ја продадат шестособната резиденција на бившата заедничка држава со адреса 730 Парк Авени во Њујорк, соопшти српското Министерство за надворешни работи.

Продажбата беше потврдена и во Босна и Херцеговина, каде што министерот за надворешни работи Игор Црнадак очекува парите да бидат уплатени за седум до десет дена. Хрватското Министерство за надворешни работи за оваа продажба не се огласи. Иако апартманот пред две години, кога почна неговата продажба, беше проценет на 20 милиони долари, минатата недела беше продаден за 12,1 милиони долари, колку што изнесуваше најдобрата понуда.

Според соопштението на српското министерство, од износот за кој е продаден апартманот, се одбиваат 3.269.774 долари, колку што изнесувале трошоците за негово одржување од 1992 година, кога бил испразнет, па досега. Трошоците ги плаќала Србија, па тој износ ќе биде уплатен на нејзина сметка.

Преостанатиот износ од 8,8 милиони долари ќе се дели во договорените проценти на Хрватска, Словенија, БиХ, Македонија и СР Југославија односно Србија, како нејзина наследничка. На лицитацијата всушност не се продавал апартманот туку тн. корпоративна сопственост.

Имено, бившата СФРЈ имала 960 акции во компанијата „Парк 71 корпорејшн“, па на име на тоа имала право на сопственост над споменатиот апартман, популарно познат како Титов. Станува збор за двокатен стан со површина од 216 квардатни метри. Има шест соби и четири купатила.

 

Тој доби назив Титов стан, бидејќи него го избрал тогашниот претседател на бившата СФРЈ Јосип Броз Тито, а формално во 1975 година го купил југословенскиот амбасадор Јакша Петрич за 100.000 долари во готово. Користен бил како резиденција на југословенскиот амбасадор во ОН.

На почетокот не беше познато кој е купувачот, но како што пишува хрватски „Вечерњи лист“, новиот сопственик на Титовиот стан е Филип Хуонг-Хју, партнер во инвестициска компанија основана во 2005 година. Тој пред тоа бил партнер во неколку познати светски банки.

Роден е во 1964 година и се школувал во Париз. Неговата биографија е мошне интересна. По таткова лоза потекнува од стара и моќна аристократска виетнамска фамилија. Татко му се занимава со наука, има три докторати и живее во Париз.

Братот близнак на таткото на новиот сопственик на Титовиот стан бил министер во Јужен Виетнам и претседател на Виетнамската развојна и инвестициска банка, до 1975 година, односно до влегувањето на војската на комунистичкиот Северен Виетнам во Јужен Виетнам, кога емигрирал во САД.

Инаку, заедно со сега продадениот Титов стан во Њујорк, се продава и претставништвото на бивша СФРЈ во истиот град, како и дипломатските објекти во Бон, Берн и Токио.

Титовиот стан во Њујорк се наоѓа на престижна локација, но е во исклучително лоша состојба, бидејќи стои празен откако во 1992 година го напуштил Дарко Шиловиќ, последниот амбасадор кој во ОН ја преставувал тогашна СФРЈ.