Осум лица се здобиле со лесни телесни повреди во седум сообраќајни незгоди од вкупно 14 што се случиле изминатиот викенд на подрачјето на Град Скопје. Во седум сообраќајни незгоди е причинета материјална штета.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи полицијата од сообраќај исклучила 146 возачи кои се движеле со поголема брзина, 57 кои управувале возило под дејство на алкохол, 51 возачи пред да се стекнат со право на управување моторно возило и 18 почетници.
Исклучени се и пет технички неисправни возила, 42 нерегистрирани, едно за претовар, а со специјалното возило „пајак“ подигнати се 167 возила.
За непрописно паркирање на возилата казнети се 271 возачи.
Санкционирани се и седум пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин, пет возачи кои поминале крстосница на црвено светло, четири возачи кои не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, 10 за неправилно престројување и тројца за неправилно престигнување.
Казнети се и девет возачи за неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 22 за користење мобилен телефон за време на управување на моторното возило.