Дарко ЈАНЕВСКИ

„Македонска нација е едно од прашањата по кои секоја спогодба е невозможна. Скопските управувачи веруваат во постоење на македонска нација. Тоа е нивно право. Но, за нас, и за многу други, такво прашање не постои. И никој не е во состојба да ги доведе во согласност тие две гледишта, колку добра воља и да постои и колку и голем труд да се вложи. Тоа е единствено од прашањата што не се решени и кое не може да се реши, затоа што е вештачки создадено, затоа што тоа прашање е создадено од инаети од разни интереси’.

Ова е напишано во грчкиот весник „Вима“ на 1 септември 1953 година. Дали денес, четири ипол години по Преспанскиот има било каков знак дека оваа позиција на Грција, тогаш изразена преку „Вима“ е променета? Не, напротив, туку само е зацврстена, со тоа што своја улога во докажувањето дека македонската нација е само во главите на „скопските упоравувачи“ добија и Бугарите, а домашните платеници, меѓу нив и тие од т.н. новинарска фела, имаат улога да не убедуваат дека црното е бело и дека Грците не признале како Македонци.

Но, не е само тоа. Едно од болните прашања на Грција (и за нас, се разбира), кога станува збор за Република Македонија и македонскиот народ, се и протераните Македонци од нејзината територија по Втората светска војна. Пред 70 години, со донесување Декретот број 2536 на 23 август 1953 година финализира процесот за одземање на имотот на протераните Македонци во текот и по Граѓанската војна, а теренот за тој закон систематски е подготвуван. А, како што ви е познато, со Преспанскиот ова прашање е дебело зацементирано.

„Словенско малцинство не постои во Грција и ниту една грчка влада не може да прифати дискусија за тоа… Немаме Југословени во нашата земја. Може да постојат неколку предавници или неколку незадоволници. Но, тие нека одат во земјата на Тито“, вели весникот „То Фос“ на 26 април и 21 јуни 1950 година.

Солунскиот весник „Алитија“ на 12 мај 1952 година е многу подиректен за начинот на кој треба да се пополнат испразнетите македонски села:

„Изработен е еден план за населување цшто го поздравуваме од срце. Целата наша погранична територија, од Бистрица до Струма и Марица заслужува да ги загрижи нашите денешни управувачи. Дури и таму каде селата се населени, треба да помислиме, дали не е потребна замена на славофонските жители, на пример, од некои села, што докажаа во времето на окупацијата и бандитската војна, колку малку ги разбираа прашањата на нашата национална безбедност. Тие ќе можат, ако сакаат, да живеат во Грција. Но да направат размена на местожителството со другите сограѓани од југ. Ако имаат желба, да побегнат и да живеат во режимот на Тито или во Софија, нека бегаат. Но, ако останат, не смеат да ги држат најодалечените позиции на грчката безбедност, просто напросто немаме доверба во нив.“

Значи станува збор за подготовки за присилно протерување или раселување на преостанатите Македонци или кон југ на Грција или кон север во Македонија (Југославија) или Бугарија.

За тие што веќе побегнале, „То Фос“ на 21 мај 1950 година пишува:

„Да не се вратат веќе во Грција оние жители од Костурско, Леринско и Воденско што дејствуваа предавнички и против нацијата и што побегнаа во блиските словенски земји, а да се преземат директни драстични мерки против 15-20-те илјади од ова население, што останаа во споменатите околии така што постраданата Западна Македонија да добие национална хомогеност“.

На 9 септември 1952 година истиот весник вели:

„Кога по разбивањето на бандитизмот извршивме инспекција над нашата погранична територија, го согледавме катастрофалното дело на овие Бугари (ете што сме за Грците, забелешка на авторот), но исто така, издивнавме со задоволство поради нивното бегство… Овие Словени не треба да се вратат назад. Добро се наоѓаат таму каде што побегнаа. Во Грција не може да има веќе место за нив… Нивното сместување во Грција би било дозволено во извесна мерка, но под изричен и категоричен услов да се преселат на егејските острови или во околиите на Пелопонез“.

Во сеењето омраза кон Македонците најдалеку отишол весникот „Елиникос Ворас“ на 10 септември 1952 година:

„Овие куси змии не смеат да се загнездат овде, за да не каснат штом ће се стоплат.“

Посочените цитати, презентирани уште во 1953 година во тогашна Социјалистичка Република Македонија од страна на Лазар Мојсов во неговото дело „Македонците во Егејска Македонија“ (делото потоа е неформално замрзнато), имаат две сублимирани пораки.

Првата дека македонска нација не постои, дека таа е вештачка творба и дека Македонците се Бугари. И втората која всушност е последица на првата – дека македонско малцинство во Грција нема (потврдено со Преспанскиот договор, забелешка на авторот). Постојат некои Словени или Бугари кои побегнале и не треба да се вратат, а тие што останале треба да се преселат на Пелопонез и на тој начин дефинитивно да се реши проблемот со тогашна Северна Грција, како што официјално Грците го нарекувале својот дел од Македонија (во тоа време, министер за Северна Грција бил Стратос).

Денес овие рпоблеми за Грците се разрешени ан најповолен можен начин за нив. А овие овде предавниците нека ве лажат дека тоа не е така и дека со Преспанскиот сме останале Македонци. Во меѓувреме, не оставија да си копаме очи со Бугарите, кои по кој знае кој пат во историјата вршат предавство кон Македонците и Македонија.

Всушност, затоа, кога од разни земји на ЕУ во многу прилики беше порачувано дека имаат разбирање за позициите на Грција, всушност тоа беше израз на разбирање за една политика која и денес продолжува, а која исторски се базира на геноцид, барем според критериумите што ги применуваше Хашкиот трибунал за настаните во војната во БиХ и Хрватска во деведестите години на минатиот век. Но, како што знаете, притисокот за попуштање беше врз нас, а не врз Грците. ЕУ и САД добро не проценија какви сме и какви изроди, што би рекол Гоце, можеме да одгледаме.