Здружението „Вина од Македонија“ во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјава, оценува дека најавите за можни блокади на патиштата, како начин на притисок за зголемување на откупната цена на грозјето, се избрзани, беспредметни и непотребни. Ако ваквите закани се остварат, тие ќе значат стопирање на годинашниот откуп на грозје, што дефинитивно ќе нанесе непоправлива штета како на целата домашна винска индустрија, така и на лозарството.

– Крајниот ефект од притисоците и заканите кон винарниците за зголемување на цените за откупеното грозје, кои се повторуваат речиси секоја година и се далеку од каква било пазарна логика, доведува до нивно финансиско исцрпување и пропаѓање. Ваквата ситуација ќе значи дефинитивен крај на целокупната домашна винска индустрија и на лозарството затоа што без домашни винарници што можат да ја издржат жестоката конкуренција на светскиот вински пазар, ќе нема кој воопшто да го откупува грозјето, наведува Здружението.

„Вина од Македонија“ негира дека цената на грозјето е иста како лани.

– Не е точно дека цената на грозјето не е променета во однос на минатата година. Напротив, досегашната цена на сортите за кои е почнат откупот, како што се „кратошија“ и „вранец“, е во просек за 8,5 отсто повисока од лани, а за сортите како „траминец“ и „темјаника“ цената што некои винарници ја плаќаат е повисока дури и за 40 проценти. Истовремено, најголемиот број домашни винарници, плаќаат и дополнителни премии за грозјето со повисок квалитет и висока шеќерност, како и за грозјето предадено во гајби, дополнува Здружението.

Според него, домашните винарници и покрај финансиските проблеми со кои се соочуваат, како и фактот дека годинашниот род е со квалитет под првичните очекувања, со пониска просечната шеќерност во однос на минатогодишната берба, сепак, се подготвени да откупат двојно повеќе грозје, по оптимални цени кои се утврдуваат според единствена логична и возможна методолгија која ја диктира пазарот.

– Податоците покажуваат дека цените на виното на светскиот пазар одат во надолна линија. Во моментов големопродажната цена на литар вино од некои од најголемите светски производители, како што е Шпанија, изнесува од 0,34 евра, од Италија 0,35 евра, од Унгарија 0,4 евра и од Аргентина 0,32 евра. Со вакви ниски цени на виното на светски пазари, исплатливоста на производството кај голем дел од македонските винарници е сериозно ставена под знак прашање, бидејќи голем дел од ние се борат на светските пазари со овие цени, реагира Здружението.

Членките на „Вина од Македонија“ остануваат на ставот дека решенијата за сите предизвици во домашната винска индустрија и лозарството треба да се изнајдат преку дијалог и креирање долгорочна стратегија, а не преку непринципиелни притисоци и политизација.