Плата од 1.000 евра месечно, платено сместување, храна, без никакво образование, нудат сточарите, но и покрај тоа има недостиг на овчари.

Бројот на овчари постојано се намалува, никој не сака да чува овци, бидејќи се работи за одговорна и неатрактивна работа.

-И покрај тоа што платите се добри и изнесуваат и над 1.000 евра ако се земе во предвид дека овчарите имаат платено сместување, храна, цигари, дури и платен интернет, сепак работници нема. Ние апелиравме до Министерството за земјоделство оние лица кои бараат социјална помош да дојдат да работат како овчари, односно шест месеци да примаат социјална помош и да дојдат на обука. Откако ќе се обучат ние ќе ги вработиме. Но овој наш предлог остана само на хартија. Се надеваме дека со новата Влада ќе се реши и ова прашање, изјави за весникот Вечер, Митко Јанков претседател на Агроцентар.

Тој вели дека работата не е многу тешка, но проблем е што овчарите постојано треба да бидат со овците. Работат по 14 часа на ден, немаат годишен одмор, празници… А често мора да се справуваат со неповолни временски услови, напади од диви животни и друго.

-Работата не е толку тешка колку што е досадна. Овчарите постојано треба да бидат сами со овците кој секој ден ги носат на испаша. Кај нас малку се потценува овчарството, но се работи за достоинствена работа. Ние со гордост ја работиме и не се срамиме од тоа да не нарекуваат овчари. За оваа работа не е потребно никакво образование, а можат да бидат дури и неписмени, вели Јанков.