Новиот закон за недела неработен ден затвори многу дуќани и предизвика гужви на бензиските пумпи, бидејќи инспекторите се на терен, а казните од 800 до 10.000 евра за прекршителите.
Државните инспектори за труд денеска дежураат и проверуваат дали трговците го применуваат законот, односно измените на Законот за работни односи, со кои се дефинира недела како неработен ден.
Директорката на пазарен инспекторат, Анета Симеска во изјава за ТВ21 посочува дека за сите што нема да го почитуваат законот и ќе работат денеска ќе следуваат мерки во зависност од состојбата на терен.
– Согласно законот за трговија во моментот не се предвидени, по основ на овој тип прекршувања, опомени или други мерки. Секако инспекторите ќе имаат во предвид, ние пред се работиме едукативно, зависно од ситуацијата, меѓутоа за сите оние каде ќе се утврдат прекршоци ќе следуваат и прекршочни санкции, односно глоби, вели Симеска.
Глобата изнесува од 800 до 10.000 евра за правните лица, додека пак одговорното лице ќе плати од 50 до 500 евра глоба.
Симоска потсетува дека трговец поединец има право да работи денеска, односно во недела само доколку работи сопственикот или доколку работното време му е во терминот што го пријавил до Централниот регистер.
Законот, кој почна да се применува од вчера 1 јануари денеска ги затвори најголемите трговски синџири во Скопје. Тоа создаде гужва за пазарење на бензиските пумпи кои работат и денеска. Затворени се и поголемиот број на дуќани во моловите.
Поради законските обврски денеска е ден за одмор на околу 92 отсто од работниците. Вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100 отсто.
Државниот инспекторат за труд соопшти дека од 2 јануари воспостави дежурства во недела по региони, на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.
Џебот на граѓаните и фирмите е на удар на уште еден нов закон, кој почна да се применува од минатиот месец, а тоа е забраната за користење најлонски кеси.