Високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на вонредниот состанок на Советот на ЕУ во Загреб, најави дека набрзо ќе ја посети Русија.
Тој посочи дека на неформалниот состанок во Загреб се разговарало и за односите на ЕУ со Русија.
– Нема заклучоци. Повторени се петте принципи, кои и понатаму се наша основа за ангажманот со Русија, а тоа е целосна примена на Договорот од Минск, зајакнување на отпорноста на ЕУ на заканите во областа на енергетиката, дезинформациите и хибридните закани, зајакнување на врските на ЕУ со земјите од источното партнерство, контакти помеѓу луѓето, но и соработка помеѓу ЕУ и Русија за прашањата од заеднички интерес, посочи Борел.
Тој порача дека ЕУ треба да ги подобри односите со Турција и Русија.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ истакнаа и дека Турција мора да престане да ги лаже мигрантите дека им е отворена вратата на Европа. Тие апелираа до Москва и Анкара да го почитуваат потпишаното примирје во Идлиб со цел да може да им се достави помош на бегалците во северниот дел на Сирија.
На вонредниот состанок во Загреб договорено е да се одржи нова донаторска конференција за Сирија на 29 и 30 јуни во Брисел.
Министрите соопштија дека ќе ги преземат сите мерки во согласност со принципите на ЕУ и меѓународните закони за почитување на интегритетот на европските граници.
– Турската поддршка за мигрантите и бегалците илегално да преминат во Европа не е начин да се бара понатамошен придонес од ЕУ, изјави Борел.
Шефовите на дипломатијата на земјите-членки денеска уште еднаш изразија солидарност со Грција, Бугарија и Кипар кои се соочуваат со тешката ситуација на границите со Турција.
Во соопштението од состанокот во Загреб се потенцира продолжување на блиската соработка со Западен Балкан за управување со миграциските движења.
Министрите уште еднаш ја повикаа Турција во целост да го применува Договорот за мигрантите постигнат во 2016 година.
Борел на крајот од вонредниот состанок на Советот на ЕУ посветен на состојбата на надворешните граници на Унијата кон Турција како и хуманитарната ситуација во северозападна Сирија, ја нагласи неопходноста од запирање на воените акции во Сирија и за што побрза распределба на хуманитарната помош на загрозеното население.
– Ќе издвоиме дополнителни 60 милиони евра хуманитарна помош за северозападна Сирија. Во моментот најголем проблем не се финансиите туку логистиката за пружање помош во погодените подрачја од војната, посочи Борел.