Претстои принудна вакцинација против коронавирус, а самата вакцина ќе ја промени човековата ДНК: ваквите обвинувања се широко распространети на Интернет, објави Дојче веле. Дали има нешто точно во нив? Еве што велат фактите:
Дали Германија планира задолжителна вакцинација?
Пред да се донесе новиот Закон за заштита од инфекции во Германија, на големо се шпекулираше дека тој предвидува присилна вакцинација, големи ограничувања на слободите, целосен надзор, спроведување на мерката со помош на војската, па дури и претворање на Парламентот во безгласна буква.
Еве ги фактите. Дополнетиот закон за заштита од инфекции ги наведува мерките што властите можат да ги преземат за ограничување на пандемијата. На пример: почитување на физичко растојание, ограничувања на контактите во јавен и приватен простор, ограничувања на патувања, културни и спортски настани, обврска да се носат заштитни маски. Со други зборови: се споменуваат мерки што се веќе во сила и за кои сега е воспоставена соодветната правна основа.
Што се однесува до наводите за претстојна задолжителна вакцинација, тоа е неосновано. Ниту се донесени мерки за ограничување на работата на парламентите или мерки кои водат до „целосна контрола“.
Тврдењата дека ограничувањата би биле воведени со помош на војската исто така не се засноваат на факти. Според уставот, армијата во Германија може да се користи само во исклучителни случаи и само во случај на природни непогоди или вонредна состојба.
Две од обвинувањата се, сепак, делумно точни: слободата на патување навистина е ограничена. Истото важи и за слободата на собирање. Генерално не се укинати, но одредени делумни ограничувања се дозволени – „кога е потребно да се заштити населението и особено како превентивна мерка против преоптоварување на здравствениот систем“.
Првите дози на вакцината до крајот на годината?
Дали двајцата креатори на вакцината Бионтех објавија во своите лични профили на социјалните мрежи дека ќе можат да ги испорачаат првите дози до крајот на оваа година? Токму оваа изјава се појави во две идентични објави на Твитер.
Еве што велат фактите. Објавите се лажни: ниту Јозлем Туречи ниту Угур Шахин не напишаа вакво нешто на Твитер. Двајцата коосновачи на Бионтех воопшто немаат лични налози на Твитер, објасни компанијата. Предметните налози се лажни и во меѓувреме се избришани.
Двата лажни провили, од кои беа објавени лажни информации се создадени во август и септември, на почетокот под друго име. Има и профил на Туречи на Интаграм, кој очигледно е и лажен.
Дали вакцината ја менува човековата ДНК?
На социјалните мрежи се шпекулира и дека вакцината на „Бионтех“ и „Фајзер“ користи технологија mRNA која никогаш не била тестирана и одобрена за употреба. Оваа технологија ја менува човековата ДНК, а 75 отсто од волонтерите врз кои е тестирана вакцината имале сериозни несакани ефекти, пишува американската новинарка Емералд Робинсон на Твитер
Проверката на фактите покажува дека оваа изјава е невистинита. Фајзер и Бионтех навистина ја користат споменатата mRNA технологија, во која се користат фрагменти од генетскиот код на коронавирусот за репродукција на вирусот во човечкото тело. Како резултат, имунолошкиот систем го препознава и почнува да произведува антитела – со што се создава имунитет против Ковид-19. Така развиената вакцина веќе интензивно се тестира. Во моментов е во тек третата клиничка фаза од испитувањата со над 43.000 луѓе
Новинарката Емералд Робинсон, дописничка од Белата куќа за конзервативната американска веб-страница Њузмакс, исто така, тврди дека вакцината ја променила човечката ДНК. Нема ништо точно во ова обвинување. Германскиот институт Пол Ерлих, кој е одговорен за вакцините и биомедицинските производи, на својата веб-страница објаснува: „Нема опасност од интеграција на mRNA во геномот на човекот. Овој геном е содржан во клеточното јадро во форма на ДНК. Секое вградување на РНК во ДНК е невозможно поради нивните различни хемиски структури.
Истото го вели и Марк Линас од Универзитетот Корнел во САД. Тој за Ројтерс изјави: „Тоа е мит што честопати намерно го шират противниците на вакцините, со цел да се создаде конфузија“.