Професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова вечерва на Канал 5 телевизија, истакна дека правно Владата е должна во секој момент да докажува дека има мнозинство од 61 пратеник, во спротивно не е легитимна.
-Владата мора во секој момент да докажува дека има мнозинство од 61 пратеник, зошто инаку не е легитимна, ова во науката се нарекува „Интерегнум“, ние така ги учиме студентите, вели Силјановска.
Таа посочи во однос на најавената оставка на Заев дека нема таков институт во уставното и парламентарното право „ќе си даде оставка“, оставката се дава и си заминувате, бидејќи е тоа лично и морално право, не постои отповиклива оставка, тоа непознато, ова што се случува сега не е демократски процес затоа што нема власта легитимитет затоа што не покажала.
Според Силјановска, Владата е на тапет, а останатите партии како БЕСА покажаа дека имаат интегритет, а можеа да калкулираат политички, но си останаа на зборот и не покажаа тргување со интересите.
-Сега читам деновиве дека се разговара за промена на владината програма, а теорија на мандат вели дека Владата може да го спроведува само она за кое добила согласност од граѓаните на изборите, како тоа сега ќе ја дополнуваат програмата, а сега се разговара за вработувања и за функционерски места што е типично пазарење, а ние ако не посегнеме по стручноста и компетентноста и не престанеме со ваквиот начин да ја регрутираме бирократијата ние кога ќе почнеме преговори ќе почнеме со скршен костур на државата, нашата администрација која е наша најголема слабост, вели Силјановска.