Централната агенција ќе им помага на македонски граѓани кои не го разбираат македонскиот јазик во општините каде што мнозинство се Македонци, соопшти денеска Владата на Република Македонија.
Владата наведува дека со Законот за употреба на јазиците не се предвидува дополнителни вработувања во општините во Македонија во кои граѓаните на немнозинските заедници се помалку од 20 отсто
– Законот за употреба на јазиците предвидува формирање Централна агенција којашто ќе ги опслужува општините и другите институции во оние населени места каде што мнозинството граѓани се Македонци. Во тие градови, во случај кога некој граѓанин од албанска, ромска, бошњачка, српска или друга етничка заедница ќе има потреба од комуникација и ќе се обрати на друг јазик, покрај македонскиот, тогаш Централната агенција ќе им излезе пресрет на тие граѓани и ќе ја преведе комуникацијата за потребите на граѓаните коишто се обраќаат, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Тоа, како што појаснуваат од Владата, значи дека во институциите во општините каде што 20 отсто од граѓаните не се припадници на немнозинските етнички заедници, нема дополнително да се вработуваат граѓани од албанска или која било друга етничка припадност за исполнување на одредбите од Законот за употреба на јазиците.
– Владата на Република Македонија останува цврсто на ставот дека Законот за употреба на јазиците е во интерес на сите граѓани и е во рамки на концептот едно општество еднакво за сите. Со неговата имплементација ќе се зајакне севкупната социјална стабилност во Република Македонија и ќе придонесе кон зајакнување на интегритетот и економскиот прогрес на земјата, се додава во соопштението.
Владата, како што е наведено во соопштението, креира политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.