Од денеска почнуваат со работа моловите, спортските и други обложувалници преку шалтер, центрите за едукација, обука и семинари за возрасни, автошколи, автоиспитни центри, а се отвора и Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје.
Во моловите се уште нема да биде дозволено примање гости во рестораните и кафулињата освен преку систем за нарачка и достава. Тие ќе работат со ограничено скратено работно време од 10 до 18 часот со исклучок во недела кога ќе бидат затворени.
Ова е согласно планот што вчера го донесе Владата за попуштање на рестриктивните мерки како процес кој ќе се одвива во три фази согласно развојот на епидемиолошката состојба.
Првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба и ограничено движење на населението на целата територија на државата со постепено намалување на времето за забрана на движење. Втората фаза како транзициона фаза е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачани мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на Ковид-19. Третата фаза предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.
Намалувањето на рестрикциите ќе се спроведува низ повеќе фази, а меѓу секоја фаза ќе следи преглед и проценка на актуелната ситуација и одново одлука дали се исполнети условите да се продолжи олабавувањето на мерките во секоја следна фаза.
Сите следни чекори ќе зависат од три кртиериуми – дали паднемијата е ставена под контрола, дали здравствениот систем е во состојба да се справи со повторно појавување на случаи и дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и контактите и да идентификува повторување на случаи.
Согласно заклучоците на Владата, дозволено е и службено патување надвор од земјата на избрани и именувани лица со почитување на протоколите на Комисијата за одржување потребно растојание, заради координација и други итни причини кои не трпат одлагање
Се очекува Владата следната недела да го донесе планот за отворање на угостителските објекти, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојбата и почитувањето на мерките.
Во овој момент Владата не размислува за скратување на полицискиот час, но може да се наметне потребата во периодот што доаѓа посебно заради тоа што економските оператори постепено ќе се враќаат во функција.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера состојбата со коронавирусот во земјата ја оцени како стабилна.
Со новозаболените 10 случаи, и петте оздравени пациенти, вкупниот број на дијагностицирани од почетокот на епидемијата, досега во државава се 1.674, оздравени се 1.205, починати 92, а активни се 377 случаи. На Клиниката за инфективни болести почина 60-годишен пациент од Делчево, кој имал и малигни болести.
Бројот на оздравени здравствени работници расте, и од вкупно дијагностицираните 242, 217 се оздравени, што е близу 90 проценти и со тоа, како што рече Филипче, практично се враќа во нормала функционирањето на сите здравствени установи од каде беа здравствените работници. Расте и бројот на општини кои немаат активни случаи.
На Инфективната клиника се хоспитализирани 41 пациент. Во Градската општа болница „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 25 пациенти. На инфективните одделенија во Битола, Штип, Прилеп, Велес, Куманово, Тетово и Охрид се хоспитализирани 64 пациенти.
Од денеска почнува скринигот и тоа на вработените во градинките, како и на одредени критични категории. Филипче вчера најави дека ќе почнат со вработените од градинките кои се на близу 2000 со цел изготвување на протоколот за работа на градинките за нивно ставање во функција.
Скринингот се планира да се прави со истите ПСР тестови како и досега, а целта е со ПСР техниката да се идентификуваат асимптоматските носители. Според планот со скринингот треба да бидат опфатени вработените во градинките, во болниците, домовите за стари лица, пациентите со хронични болести, пациентите на биолошка терапија, вработените во ЈСП и други од десетината ризични групи.