Владата донесе одлука за формирање Комисија за пренос на техничките уреди за следење на комуникации и на техничката документација од Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција (ОТА), што беше формирана со посебен закон со цел да се реформира процесот на следење на комуникациите и да се спречат наматошните злоупотреби при спроведувањето на овие мерки.
Комисијата, составена од претставници од МВР, ОТА, Врховниот суд, Јавното обвинителство, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите има задача да ја утврди фактичката состојба на техничките уреди за следење на комуникации, како и на техничката документација, кои се пренесуваат од УБК во ОТА, да изврши попис на сите активни мерки за следење на комуникациите, како и да состави записник за извршената задача.
Формирањето на оваа Комисија е во функција на обезбедување гаранции за соодветна имплементација на законски решенија од кои произлегуваат и обврските Владата да ги овозможи сите услови за старт на работата на ОТА, до денот на започнување на примената на наведениот закон, односно до 1 ноември оваа година.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на настанот на кој беше промовирана анализата за фемицид во Македонија, одговарајќи на новинарско прашање потврди дека ОТА ќе почне со работа од 1 ноември, како и дека останатите реформи на безбедносно-разузнавачкиот систем се одвиваат според зацртаните рокови.
На почетокот на минатиот месец ОТА го доби и својот директор, откако Собрнието со 83 гласа „за“, го изгласа Зоран Ангеловски прв човек на новоформираната агенција.
Ангеловски беше избран без расправа, бидејќи политичките партии во Собранието постигнаа консензус тој да биде избран меѓу 14 кандидати за оваа функција.
ОТА е предвидено да биде медијатор во прислушувањето меѓу операторите и корисниците.