Општина Центар целосно го отстрани нелегалниот импровизиран објект во близина на Народната банка на Република Македонија.

Вчера заврши уривањето, а денеска инспекциските служби заедно со фирмата која е надлежна за расчистување продолжија со расчистување на диви живеалишта во Кале и кај паркингот кај Холидеј ин, а според најавите од градоначалникот Саша Богдановиќ, акцијата ќе продолжи и на други локации доколку има пријави.

– Ние веќе подолго време расчистуваме со дивите живеалишта во општина Центар. Едно од поголемите беше живеалиштето кое се наоѓаше на „Јужен булевар“ во Урбан парк. Нам не ни претставува проблем да ги расчистиме ваквите живеалишта, но се трудиме да постапуваме на коректен начин и од човечки аспект. Се обидуваме заедно со институциите прво да најдеме соодветно сместување за лицата кои престојуваат таму. Цело време сме во контакт со социјалните работници и Министерството за труд и социјална политика и на тие граѓани им нудиме сместување и помош, но сепак кога ќе видиме дека не сме во можност или не сакаат да прифатат мора да пристапиме кон уривање бидејќи претставуваат потенцијална опасност за граѓаните кои живеат таму, рече градоначалникот Богдановиќ во одговор на прашање на денешната прес-конференција по повод една година од стапувањето на функцијата.

Тој нагласи дека пред да пристапат на отстранување на објектот неколку пати апелирале и биле на средби со жената која живееше таму, но не можеле да најдат соодветно решение.

– Од страна на Министерството не информираа дека повторно ја контактирале жената и оти пред извесно  време била сместена во дел од социјалните центри. Очекуваме сега, кога нема каде да оди, повторно да се врати таму, рече Богдановиќ.

Во општината, како што потенцира, засега се отстранети две нелегални живеалишта и нема пријави за нови.